• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителот Бубевски побара обвинетите во „Титаник 2“ да бидат огласени за виновни

Обвинителот Бубевски побара обвинетите во „Титаник 2“ да бидат огласени за виновни

Скопје, 17 јануари 2023 (МИА) - Обвинителот Гаврил Бубевски побара Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешните членови на Државната изборна комисија да бидат огласени за виновни во случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности.

Како што пренесува А1он, обвинителот посочил отежнувачки и олеснителни околности за секој поединечно. Така, за поранешните членови на ДИК, како олеснителна околност посочил дека не се водат други постапки и не се осудувани, а злоупотребата на нивното знаење и незаконитостите што ги правеле пред очите на јавноста, според него, се отежнувачки околности.

Кај поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како отежнувачки околности Бубевски ги посочил степенот на кривична одговорност, побудите зошто го сторил кривичното дело, фактот што против него се водат други кривични осуди, како и тоа што има правосилна пресуда, а како олеснителни неговото културно однесување и почитувањето на судот.

За Мендух Тачи обвинителот посочил дека Судот треба да цени дека како отежнувачка околност се директната умисла поттикнување и околностите, а, од друга страна, треба да се акцентира неговото почитување на Судот и на Обвинителството.

Обвинителот побарал секој од обвинетите да одговара според степенот на кривичното дело.

Кривичниот суд во 2019 година го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Процесот го води судијата Огнен Ставрев. Датумот за пресудата ќе биде објавен по завршните зборови. ар/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан