• среда, 25 декември 2024

Нуредини за МИА: Освен КОВИД-19 и загадувањето е животнозагрозувачко

Нуредини за МИА: Освен КОВИД-19 и загадувањето е животнозагрозувачко
Скопје, 26 април 2020 (МИА) - Луѓето кои што живеат во предели кои имаат искусено поголемо аерозагадување се соочени со зголемен ризик за предвремена смрт од КОВИД-19, вели во интервју за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој напомена дека оваа теза неодамна ја изнел специјалниот известувач за човекови права и животна средина на ОН, Дејвид Бојд. -Знаеме дека вирусот главно ги напаѓа белите дробови и аерозагадувањето ја влошува нивната состојба пропорционално на тоа колку се тие изложени на него. Дополнително, светските експерти го велат истото и мислам дека специјалниот известувач за човекови права и животна средина на ОН, г. Дејвид Бојд, предупреди дека луѓето кои што живеат во предели кои имаат искусено поголемо аерозагадување се соочени со зголемен ризик за предвремена смрт од КОВИД-19, вели Нуредини за МИА. Нагласува дека тој ја информира Владата за ова, но за жал, како што потенцира, не може да се смени минатото, но може да се мисли на иднината при креирање на политики за заштита на животната средина. Полицискиот час го намали аерозагадувањето, забележано е намалување на нивоата на азотен диоксид и сега Министерството за животна средина и просторно планирање има подобар увид за тоа колкав удел има транспортот во аерозагадувањето. Сепак загадувањето е поврзано и со температурите и начинот на кој се врши затоплувањето на домовите и јавните објекти. Нуредини во интервјуто за МИА даде одговор на прашањето како мерките кои се воведени поради коронакризата, а кои всушност го ставаат на пауза досегашниот начин на живеење се одразуваат врз загадувањето кај нас, со оглед на тоа што значителен пад до 50 отсто има во градови како Мадрид, Барселона, Милано. За третманот на отпадот во време на епидемија, како се третира медицинскиот отпад и отпадот од лицата во самоизолација, за контроверзите околу користењето на РДФ како алтернативно гориво, за екстралесното гориво, кое исто така според сите критики во јавноста ќе излезе дека е сериозен бизнис, но и за тоа колку користењето на инверторите е всушност еколошка мерка или вртење во круг говореше министерот Нуредини во интервјуто за МИА. Тој се осврна и на неговата досегашна работа на министерската позиција, за влијанието на актуелната здравствена криза и извесната претстојна финансиска криза врз животната средина во земјава, за тоа колку неговата банкарска професија му помага или одмага на сегашната позиција. Нуредини во интервјуто за МИА, одговара и на прашањето дали ќе се кандидира за нов мандат. Периодот пред настапувањето на моменталната здравствена криза eдно од најактуелните прашања во јавноста беше аерозагадувањето. Во моментов се на сила одлуки кои го ограничуваат движењето на граѓаните, индустриските капацитети, транспортот... и нема значителен пад како во градови како Мадрид, Барселона, Милано до 50%? Во светот овие мерки се одразија на животната средина, но што се случува кај нас? Сметам дека се уште е едно од најзначајните прашања. Само поради тоа што временските услови се подобрија и аерозагадувањето не е толку присутно во медиумите, не значи дека не треба да го гледаме како приоритет за нашата земја. Мораме да продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на нашиот воздух во текот на целата година. Како што сме сите свесни, за жал нема брз лек. Мораме да го продолжиме и да го интензивираме процесот на подобрување на енергетската ефикасност на нашите домови и јавни згради, да ги унапредиме методите за транспорт и да се осигураме дека индустријата ги почитува правилата и регулативите, а сето тоа бара време и многу инвестиции. Кога споредуваме градови како Мадрид, Барселона и Милано со нашите градови, мораме да го имаме на ум фактот дека тие, вклучувајќи ги нивните предградија, имаат поголема, а во некои случаи повеќекратна, популација од нашата на ниво на целата држава, како и дека нивните индустриски активности се многу поголеми од нашите. Истовремено, мораме да го земеме предвид фактот дека тие имаа комплетен lockdown, односно затворија се во целост, додека ние не го сторивме тоа. Како и да е, ние забележавме дека нивоата на азотен диоксид се намалија по воведувањето на полицискиот час, и со тоа се увиде колкав удел има транспортот во аерозагадувањето. Од еден друг агол истово прашање: колку ова ви помогна во лоцирање на дел од изворите на загадување. Зошто факт е дека се уште се забележуваат надминувања на граничните вредности за определени загадувачки супстанции? Како што напоменав, успеавме да ја увидиме разликата со и без транспорт, односно со намалувањето на бројот на возилата на коловозите, а знаеме и дека некои од големите инсталации не работат со полн капацитет. Сепак, додека ги вршевме анализите на податоците, забележливо беше дека вообичаениот тренд е поврзан со температурата и времето кога луѓето се дома. Што не доведува до прашањето за важноста на градењето на гасоводната мрежа и потребното понатамошно инвестирање во централно греење во големите градови, за да се избориме со тој дел од загадувањето кој се должи на загревањето на нашите домови и јавните згради. Светските научници веќе воспоставија врска помеѓу лицата изложени на аерозагадување и ранливоста на КОВИД-19. Просто кажано, се тврди дека поголема смртност има во регионите каде има поголема загаденост. Го дискутирате ли ова на секојдневните седници на Владата? Го зема ли предвид Владата овој факт при креирање на актуелните политики? Знаеме дека вирусот главно ги напаѓа белите дробови и аерозагадувањето ја влошува нивната состојба пропорционално на тоа колку се тие изложени на него. Дополнително, светските експерти го велат истото и мислам дека специјалниот известувач за човекови права и животна средина на ОН, г. Дејвид Бојд, предупреди дека луѓето кои што живеат во предели кои имаат искусено поголемо аерозагадување се соочени со зголемен ризик за предвремена смрт од КОВИД-19. Јас ја информирав Владата за ова, но за жал не можеме ништо да сториме за минатото сега. Сепак, тоа дополнително ја потенцира важноста на интензивирање на нашата посветеност и инвестиции во борбата со аерозагадувањето во нашата земја во непосредната иднина. Ова по сите показатели мора да биде дел од планирањето на идните мерки и економската агенда, односно буџетите. И овде се отвора еден друг аспект: за КОВИД-19 гледаме дека владата функционира тимски, со комисии, сите министри вклучени, власт и опозиција... а екологијата, здравата животна средина се оставени сами на себе на МЖСПП и политичко партиски препукувања или на (НЕ)моќта на капацитетите на министерството. Мислам дека мораме да земеме пример од тоа како работиме сите заедно на оваа криза и да го примениме истиот пристап во заштитата на животната средина. Да бидам искрен, досега во нашата земја не ѝ бил даден баш глас на животната средина, и нема корист од тоа да покажуваме со прст кој е виновникот. Она што треба да го направиме е да ги засилиме капацитетите на Министерството со повеќе експерти, да посветиме повеќе средства за животната средина и да дејствуваме сега за иднината. Во моментов Министерството работи на политики, но истовремено делува како агенција за предмети и дозволи. Мораме да креираме агенција за животна средина која ќе се занимава со ова, за да може Министерството да се концентрира на политиките и потребните инвестиции за да се заштити природното богатство кое треба да го оставиме на нашите деца. Знаејќи дека КОВИД-19 ќе биде уште едно заболување со кое од сега ќе мораме да живееме. Колку ова искуство ќе се примени во иднина? Мораме да научиме од ова, се соочуваме со невидена појава која не стави сите во позиција во која мораме да работиме заедно за да ја надминеме. Истовремено, мораме да бидеме свесни дека колку помалку инвестираме и се грижиме за животната средина, можноста за овие епидемии може да биде почеста. Дотолку повеќе што мораме да разбереме дека може да ја надминеме оваа ситуација, но со животната средина е различно. На пример, штом климатските промени дојдат до фаза на неповратност, ние едноставно ќе мора да се адаптираме и да живееме со тоа. Така што, преземањето на акција е клучно сега, за да избегнеме конфронтација во толкав потенцијал во иднината. Исто така врзано со КОВИД-19 и МЖСПП, во јавноста се отвори и прашањето за третманот на отпадот за време на епидемијата. Како се третира медицинскиот отпад и отпадот од лицата во самоизолација, тоа беше тема пред пандемијата, и сега научивме ли нешто од тоа? Во поглед на медицинскиот отпад, ние имаме на сила регулатива за неговото управување и во неа е вклучен аспектот на инфективните болести. Светската здравствена организација и сите други светски институции кои се занимаваат со ова прашање утврдија дека КОВИД-19 не бара поинаков третман на отпадот од останатите постоечки заболувања. Исто така собравме мислења од локални експерти и ја погледнавме праксата со постапувањето со отпадот на останатите земји. Медицинскиот отпад се третира посебно, додека отпадот од лицата во самоизолација се третира како комунален отпад. Сепак, треба да се осигураме дека се заштитени и вработените во комуналните претпријатија и затоа препорачавме отпадот од лицата во самоизолација да се пакува во две ќеси пред отстранување. Она што го забележавме е и дека количината на нашиот комунален отпад е зголемена, со тоа што граѓаните се дома, но истовремено количините на комерцијалниот и индустрискиот отпад се намалени. Кога сме кај прашањето на отпадот, една од клучните загатки пред оваа криза беше и прашањето за сомнителни пратки на увозен отпад во земјата, односно користењето на РДФ како алтернативно гориво, за што беше и изгласана забрана во парламентот. Зошто има толку многу контроверзии околу ова прашање, очигледно е дека ова било нечиј вносен бизнис на сметка на животната средина, па се игнорирало? Користењето РДФ (Refuse derived fuel ) е практика кој е распространета низ ЕУ и во светот, доколку се врши во согласност со правилата и регулативите. И ако имало каков било увоз на отпад кој ќе се користи како гориво, а не бил во согласност со регулативата, тогаш станувало збор за илегален увоз. Законската можност за користење на РДФ-от увезен од компаниите како алтернативен извор на енергија беше во согласност со ЕУ стандардите и бараше соодветни дозволи. Секако, јас би преферирал ние да го користиме сопствениот отпад како алтернативно гориво, отколку да ги полниме нашите се уште нестандардизирани депонии со отпадот. Сепак, за да го постигнеме тоа, мораме да ги усвоиме новите закони за управување со отпадот кои ги подготвивме, штом парламентот е повторно воспоставен, и тогаш ќе мораме да работиме навистина напорно за селектирање на нашиот отпад. Така ќе можеме да ја развиеме рециклаторската индустрија и истовремено да го минимизираме отпадот кој ќе биде депониран. Кога сме кај горивата, екстралесното гориво е исто така според сите критики во јавноста дека ќе излезе дека е сериозен бизнис, особено ако го врземе со актуелниот момент, нема сообраќај заради мерките, нема школи кои работат. Да, земјоделската зелена нафта се троши, но сепак нешто во бројките недостига. И тука доаѓаме до моментот дека обвинувањата се секогаш на товар на МЖСПП, а горивата се кај економија, тука е и царина за увозот, инспекции, контроли и повторно заклучокот е дека мора тимски да се игра, а се игра ли? Се сложувам, нешто не се вклопува тука, според информациите кои што ги имам, 5.000 тони се употребуваат за загревање на нашите домаќинства и некои јавни згради, додека податоците кои ги имаме се дека 25.000-45.000 се увезуваат. Се чини дека има злоупотреби на деривативот и мораме тоа да го запреме. Јас силно верувам дека треба да ја подигнеме акцизата за екстралесното гориво, бидејќи тоа загадува значително повеќе од обичното гориво, посебно сега кога не е грејна сезона и кога консумацијата треба да е минимална. Второ, јас соработувам заедно со Министерството за економија и вицепремиерката за економски прашања за да се организираат повеќе ненајавени инспекции на горивата на тешките возила како автобуси и камиони. За да го ставиме ова под контрола, мораме да ги инволвираме сите инстутуции и тие да работат заедно, односно сите да ги исполнуваат своите обврски од аспект на својата одговорност. И за еден друг аспект со електричната енергија. Зимава како меѓу-решение се одеше со инвертори за загревање за да се избегнат цврстите горива како загадувачи, а тоа значи трошење повеќе струја, а тоа, пак, значи поголемо производство на струја... и тука доаѓа термоцентралата РЕК Битола која пак работи на јаглен. И што постигнуваме? Мораме да прифатиме дека ние како земја сме многу зависни од РЕК Битола и така ќе биде во догледна иднина. Затоа јас веќе побарав и ЕСМ се заложи да инвестира во филтри и да почне да го спроведува процесот на десулфуризација. Во меѓувреме мораме да ги интензивираме нашите инвестиции во секторот на обновливи извори на енергија. Од една страна велиме дека треба да ги загреваме домовите со инвертори, кои се поенергетски ефикасни, но истовремено консумираме електрична енергија генерирана од термоелектрана на јаглен. Сепак, како земја, увезуваме околу 30% од енергијата која ја трошиме, така што врз основа на тоа знаеме дека РЕК ќе работи со максимален капацитет, додека не ги развиеме обновливите извори. Тука се отвора и едно друго прашање на тој затворен круг: лаиците ќе речат тогаш да правиме хидроцентрали. Но, ако тие ги правиме на Шар Планина каде што со години се чека на прогласување за национален парк, и самите зафаќања ја уништуваат природата, повторно ништо не сме направиле? Јас верувам во обновливите извори на енергија, сепак не во уништувањето на нашата природа додека ја спроведуваме таа стратегија. Ние работиме на прогласувањето на Шар Планина за национален парк и сме блиску до исполнувањето на таа цел. Имаме малку спротивставени ставови со установите кои ги управуваат ловиштата и шумите, но верувам дека ќе најдеме заедничко разбирање за значењето на прогласувањето на ова природно богатство како национален парк. Исто така работиме со некои од инвеститорите на малите хидроелектрани за да видиме дали можеме да дојдеме до договор да не се изградат дел од веќе одобрените зафати. Мислам дека ако веќе планираме да имаме хидроелектрани, тие треба да бидат од одредена големина, како Чебрен, кога жртвувањето на дел од природата ќе ни донесе корист во генерирање на чиста енергија, креирајќи енергетска сигурност и ќе не направи помалку зависни од РЕК Битола. Што стана со најавите за прогласувањето на Шар Планина за национален парк, планински масив кој одамна е регионална провокација за најголем национален парк. Имаме план за ова или се плеткаме колку повисоко да биде качена границата на заштитеното подрачје. До каде сме со овие постапки? Како што споменав претходно, веќе сме во финален стадиум и за мене ова не е само од голема важност заради природата, туку и поради тоа што со соодветно планирање и управување може да креираме зелена економија, со што би се зајакнал локалниот, но и меѓународниот екотуризам. Планирате ли други заштитени предели? Да, во моментов сме во финален стадиум на прогласување и на Осоговските Планини за заштитено подрачје, ја завршуваме валоризацијата на Матка. Истовремено, работиме на репрогласување на националниот парк Маврово. Сметате ли дека имаме добар надзор над применувањето на прописите за заштита не животната средина? Задоволни ли сте од работата на Државниот инспекторат за животна средина, многумина намерно или ненамерно поради неписменост го мешаат дека тој е под ваша диригентска палка и управа? Државниот инспекторат има своја независност и директор кој е назначен од страна на Владата на РСМ. Тие не е одговараат пред нас, туку ние тесно соработуваме со нив. Мислам дека тие се трудат најдобро што можат под актуелните околности, но мораме да имаме повеќе професионални инспектори и соодветни алатки за нив за да ги спроведуваат потребните надзори. Дополнително, мораме да соработуваме многу поблиску со општините и нивните инспектори. Ако сакаме да бидеме сериозни во контролата на големите и малите индустриски капацитети, тогаш мораме да ги зајакнеме државните и локалните инспекторати и да создадеме јасен и лесен начин за граѓаните да можат да пријават каква било загадување. Осум месеци по вашата улога на министер, кои сметате дека се најкритичните точки и предизвици во заштитата на животната средина кај нас? Бизнисот, менталитетот или политичката незаинтересираност? Ова е една од причините зошто искрено ги почитувам невладините организации, тие ги изнесуваат прашањата за заштитата на нашата животна средина во првите редови. Се плашам дека во минатото не сме биле доволно загрижени за овие прашања. Сепак, со економскиот развој и зголемувањето на куповната моќ на нашите граѓани и нивните потрошувачки навики, нашите потреби за енергија и пакувани стоки се зголемија. Немаме добро размислено за долгорочните ефекти што овие нешта ќе го имаат на нашата земја и животната средина. Така што императивот е да се организира една организација на државен и локален инспекторат кој добро функционира, воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот и да се осигураме дека ќе ја доразвиеме нашата мрежа на пречистителни станици на вода. Неспорно е дека потребно е унапредување на однесувањето на бизнис чинителите, развивање на еколошката свест на граѓаните и посилна политичка волја за успех во ова поле. Земајќи го искуството од случувањата со КОВИД-19 има ли политички консензус за заштита на животната средина во Македонија? Правење закони е едно, давање дозволи е друго, но одвојуваме ли доволно средства за инвестирање и имплементација? Во моментов сме во криза, првата и најважна работа е благосостојбата на нашите граѓани, потоа мораме да ја заштитиме економијата за нашето општество да може да се опорави и да ги задоволиме нашите потреби. Истовремено, ова претставува можност за да инвестираме во одржлив развој, мораме дополнително да ги засилиме инвестициите во обновливи извори на енергија, гасификационата мрежа, енергетски ефикасно затоплување и транспорт, како и железницата. Овие инвестиции ќе креираат нови работни места додека планираме за долгорочна стратегија на намалување на нашите јаглеродни емисии. Ние како институција немаме многу средства. Во моментов некои од нашите проекти и планирања се спроведувани од страна на други институции или владата. Јас мислам дека ова треба да биде менаџирано од страна на Министерството за животна средина, со оглед на фактот дека надлежноста е тука, а соработката со другите институции е секако императив. Во поглед на дозволите, како што претходно изнесов, за таа цел треба да се креира посебна агенција. Според вас, како ќе влијае актуелната здравствена криза и извесната претстојна финансиска криза на животната средина во земјава? Најважно е да се осигураме дека го штитиме здравјето на граѓаните. Кога ги носиме другите одлуки, мораме да се осигураме дека планираме долгорочно, ова не е време за прикрпени одлуки, Да, некои одлуки мора да имаат моментален ефект, но кога станува збор за финансиското планирање, мораме да размислуваме како ќе креираме одржлива иднина. Поглавјето за животна средина на ЕУ се смета за најобемното и најскапото поглавје во преговорите. Дали сме подготвени за овој предизвик и дали се подготвувате за обврските од “Зелениот договор“? Кога се сретнав со еврокомесарот за животна средина на крајот на февруари, го покренав прашањето за Зелениот договор и бев информиран дека се работи на Зелена Агенда за Западен Балкан, со која ќе имаме можност да ја покажеме нашата посветеност и придонес за процесот на декарбонизација и зачувување на природата. Како што знаеме Поглавјето 27 е едно од најобемните и поврзано со големи инвестиции, така што ќе биде голем предизвик. Но, предизвиците носат и можности за пoдобрување и зелен развој. Од аспект на европското законодавство, досега имаме солидно ниво на апроксимација, но она на што треба повеќе да работиме е имплементацијата. Со техничката и финансиската поддршка од ЕУ, можеме да се фокусираме на инвестирање во пречистителните станици за вода, системите за управување со отпад и да се посветиме на намалување на емисиите на стакленички гасови. За да го постигнеме тоа, мораме да го зајакнеме Министерството со повеќе квалификувани експерти. И сега на крај вие сте банкар по професија а сега министер за животна средина, колку тоа ви помага и одмага? На мојот недостиг на политичко искуство може да се гледа како на слабост, но и како на доблест. Од една страна, јас морав да научам многу за политичките дневни обврски, но од друга страна, со оглед на тоа што сум нов во ова, јас можам да соработувам со сите без да имам каква било историја со некого. За мене клучно прашање беше да пробам да ја направам институцијата поефикасна, потранспарентна и да работам на долгорочни стратегии. Земјата има потреба од долгорочни стратегии за заштита на животната средина, министерот е само политички назначено лице кое може да се обиде и да имплементира политички аспекти, но тоа не значи дека долгорочната стратегија треба да се менува со секоја нова промена. Аспектот на Владата е еден кон животната средина, веројатно тука има и многу заслуги од вашиот претходник кој не го запознавме како министер туку повеќе како човек од ДУИ. Кај вас е друг пакет, вие сте професионалец од надвор кој кога дојде зборуваше само на англиски затоа што не ги познаваше ниту македонскиот ниту албанскиот јазик. И како ДУИ и партиските војници прифатија еден ваков кадар на Али Ахмети сосем различен од партиски војник, аполитичен човек од надвор? Неспорно е дека моето незборување на македонски јазик беше пречка на почетокот. Јас зборувам албански, но не бев во можност да се изразам на посакуваното техничко ниво и сум благодарен што повеќемината не ми замерија што зборував на англиски јазик. Мене ми беше доделен овој мандат за да ја вршам оваа улога најдобро што умеам со моите способности и да работам за заштита на животната средина и имплементирање на долгорочни визии и стратегии. Во поглед на останатите членови на партијата, јас бев примен доста добро и ја добив потребната поддршка кога и каде што беше потребно. Од ова неколку месечно политичкото искуството кој е дефектот на политичките елити, каква слика добивте? Што е клучно, лојалноста кон партиите или кон државата, кон професијата и работата - со што се судривте? Не би ги нарекол дефекти, туку слабости кои мора да се зајакнат. Ние сме мултиетничка земја и мораме да соработуваме заедно и да станеме едно ако сакаме прогрес. Главните пречки ги гледам во тоа што се чини дека сме во најголем дел од времето во предизборен модус, а ние треба да работиме напорно секој ден наместо да си вперуваме прсти еден кон друг. Мораме да размислуваме за нашите одговорности во смисла на целата држава, а не да бидеме локалисти. Ние сме поставени од парламентот, кој пак е избран од граѓаните, што не прави јавни службеници. Мораме да работиме за најдобриот интерес на државата, да ја претставуваме целата популација, а не процентот кој гласал за мнозинството. Ќе се кандидирате за нов мандат, веќе сте на пратеничките листи. Каде се гледате? Го разбирам фактот дека не сум многу медиумски присутен, и можеби се уште сум малку непознат за луѓето. Сепак, јас сум поборник за тоа работата да зборува за себе и давањето изјави кога некои пресвртници се постигнати или кога определени ситуации го бараат тоа. Би сакал да продолжам да работам за да ги финиширам активностите кои ги започнав тука, но истовремено би сакал владата да алоцира повеќе средства и посветеност за животната средина. Во однос на тоа каде се гледам себеси, мислам дека ќе оставиме на електоратот да одлучи за тоа. Драган Антоновски фото Ивана Батев

Остани поврзан