НУК се приклучи кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција на туризмот
- Независната угостителска комора (НУК) се приклучува кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и за избор на нов директор на предлог на реалниот сек
Скопје, 30 октомври 2020 (МИА) - Независната угостителска комора (НУК) се приклучува кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и за избор на нов директор на предлог на реалниот сектор.
Од НУК предлагаат да се изврши и промена на името на институцијата во Агенција за поддршка и промоција на туризмот и угостителството со што во иднина и угостителскиот сектор ќе биде рамноправно вклучен во активностите за промоција и поддршка на национално ниво.
- Причината поради која и НУК се приклучува кон ова барање е што изминатите месеци оваа година во период и во услови кога сме соочени со здравствена криза - пандемија Ковид 19 со која угостителската индустрија трпи енормни штети и последици, од страна на АППТРСМ не се превземени никакви конкретни активности и мерки за угостителите поготово учество и/или посредување во комуникацијата со угостителите и со Владата на РСМ и Комисијата за заразни болести со кои би можеле навреме да укажеме за многу недоследности во донесените мерки и протоколи за работа на угостителските објекти, велат од НУК.
Забележуваат и дека во ниту една од рекламните кампањи што Агенцијата ги има направено,не се вклучени угостителите и угостителската индустрија.
- Угостителите се неспорно главни двигатели во промовирање и одржување на традиционалната македонска кујна и гастрономија кои несебично допринесуваат и во одржувањето и негувањето на традиционалните македонски обичаи. Да не заборавиме дека угостителската индустрија учествува со повеќе од 50 проценти од приходите од туризмот во РСМ, нагласуваат од НУК.
Поддршка за ова нивно барање очекуваат од претседателот на државата и премиерот, како и брза реакција на Владата за реализација на овие нивни барања.
Иницијативата за оставка на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот потекна од Здружението на угостителството и туризмот при СКМ, Туристичко-угостителската комора на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ. бак/