• сабота, 23 ноември 2024

НУК: Битиќи итно да го прецизира терминот за средба ако Владата има сериозна намера да помогне

НУК: Битиќи итно да го прецизира терминот за средба ако Владата има сериозна намера да помогне
Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) - Наместо како одговор да добиваме „ќе” видиме и „ќе” разговараме, го замолуваме вицепремиерот Битиќи итно да го прецизира терминот за работна средба доколку навистина Владата има сериозни намери со петтиот сет мерки да донесе мерки за разумна помош и поддршка за угостителската индустрија во рамки на возможното. Ова е денешната реакција на Независната угостителска комора (НУК) по вчера изнесениот став на Битиќи дека уште во првиот и вториот актикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор,  дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите. НУК претходно побара посебна, директна помош за угостителската индустрија и одржување итна работна средба во Владата, најдоцна до 25 јануари годинава, потенцирајќи дека трпението на угостителите е при крај. Воедно оцени дека Владата со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет им подари на „локомотивите“ – членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време. -Во вчерашната изјава вицепремиерот Битиќи изјави дека е отворен да комуницира дури и со неистомисленици без разлика дали тие претставуваат само мала група на луѓе или претставуваат поголема група на стопански субјекти. Заменик на претседателот на Владата за економски прашања, согласно функцијата која ја врши, треба да знае дека НУК е неполитичка организација и Комора од ист ранг како Стопанската Комора на Македонија и сите останати комори, формирана од реномирани и признати угостители од целата земја, согласно Законот за стопански комори. Со Законот за стопански комори обврска на секоја основана комора согласно член 2 е унапредување на стручните и деловни обичаи и норми, како и за застапување и заштита на интересите, стопанските субјекти на територијата на Република Македонија. Согласно член 3 од истиот закон Комората е независна и самостојна организација со својство на правно лице, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифвоски. Тој напоменува и дека во моментов Независната угостителска комора е единствената специјализирана, неполитичка, непрофитна, еснафска и самостојна организација формирана од реномирани угостителски објекти со една единствена цел заштита на угостителската индустрија и унапредување на работењето на угостителите. -Доколку Владата односно ресорното и одговорно Министерство за економија има потреба од поддршка и помош од комората во идната работа за унапредување на угостителската индустрија на Независната угостителска комора согласно член 28 од Законот за стопански комори може во кој било момент да пренесе и јавни овластувања утврдени со закон и на начин утврден со статутот, вели Јосифовски, образложувајќи ги законски утврдените активности на работење на НУК. НУК апелира во следната владина изјава за економските мерки, да се изнесат конкретни бројки и износи колку од едната милијарда евра завршиле кај угостителите и угостителската индустрија, а каде и кај кого  останатата помош и поддршка. Комората нагласува дека доколку има работна средба во Владата, на неа ќе присуствуваат и претставници на здруженијата КЛУБ ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, БИСЕР од Куманово, ЗУТ КРУШЕВО од Крушево, АНТИГОНЕА од Неготино и ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид, како и претставници од останатите туристичко-угостителски комори. мч/лв/

Остани поврзан