• вторник, 24 декември 2024

Нуклеарката Запорожје целосно исклучена од мрежа

Нуклеарката Запорожје целосно исклучена од мрежа
Киев, 25 август 2022 (МИА) - Последните два активни реактори во украинската нуклеарка Запорожје, што е под руска окупација, денеска се исклучија откако пожар во близина оштети надземни електрични водови, соопшти украинската државна енергетска компанија Енергоатом. Пожарот избувна во пепелниците во термоелектраната на јаглен близу нуклеарката Запорожје, најголема во Европа. Огнените јазици оштетија водови што ја поврзуваа нуклеарната електрана со украинската електрична мрежа, тврди Енергоатом. Компанијата нагласи дека безбедносните системи на нуклеарката функционираат нормално и оти се работи на приклучување на еден реактор назад во мрежата. Со недели Москва и Киев се обвинуваат меѓусебно за неколку бомбашки напади близу нуклеарката, која има шест реактори со вкупен капацитет од 6.000 мегавати. Обединетите Нации повикаа на формирање демилитаризирана зона околу електраната со цел да се гарантира безбедноста на локацијата и да се овозможи инспекциска мисија. бд/јт/

Остани поврзан