• петок, 05 декември 2025

НСРР: Потребно е поголемо женско учество во политиката, 20 набљудувачки ќе ги следат изборните активности во 12 општини

НСРР: Потребно е поголемо женско учество во политиката, 20 набљудувачки ќе ги следат изборните активности во 12 општини

Скопје, 17 октомври 2025 (МИА) - Според официјалните податоци од Државната изборна комисија, од вкупно 309 кандидати за градоначалници низ Македонија, само 32 се жени, што претставува само 10,4 отсто. Ова ја отсликува ниската застапеност на жените на највисоките позиции во локалната власт и покажува дека во повеќе од две третини од општините нема ниту една жена кандидат за градоначалник, соопшти денеска Националниот совет за родова рамноправност (НСРР).

Од НСРР изразуваат поддршка за сите жени кандидатки за градоначалнички  и носителки на советнички листи на локалните избори 2025 година.

-Во градови како Прилеп има три жени кандидатки, додека во други поголеми општини како Битола, Велес, Неготино, Центар, Карпош и Кисела Вода има по две жени кандидатки. Во трката за градоначалник на Град Скопје од 16 кандидати само една е жена, што дополнително ја потврдува потребата од зголемување на женското учество во носечките позиции.
Како Национален совет за родова рамноправност не сме задоволни од овие бројки и сметаме дека  потенцијалот на жените во политиката е многу поголем. Затоа, продолжуваме со посветена работа  и поддршка на жените на сите нивоа, со цел да ги охрабриме да се вклучат во политичките процеси, да ги засилат своите позиции и да го остварат правото на рамноправно учество во одлучувањето, се вели во соопштението.

Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност на Македонија Савка Тодоровска посочува дека како организација секогаш ќе стојат цврсто зад жените кои се вклучуваат во политиката. 

-Сепак, овие бројки нѐ потсетуваат дека патот кон вистинска родова рамноправност е уште долг. Потребни се повеќе конкретни мерки, поддршка и мотивирање на жените да се пријавуваат и да учествуваат во политичкиот живот. Само со зголемено женско учество може да создадеме праведни и инклузивни локални самоуправи каде што гласот на жените ќе биде слушнат и ценет, изјави Тодоровска.

Од НСРР ги повикуваат граѓаните да ја поддржат женската политичка активност и да гласаат за кандидатите кои ја промовираат родовата рамноправност и инклузивноста.

-Рамноправноста не е привилегија, туку право и основа за стабилно и одговорно локално управување. Во духот на транспарентноста и заложбата за фер и правични избори, Националниот совет за родова  рамноправност на овие избори ќе учествува со 20 набљудувачки кои ќе ги следат изборните активности во 12 општини ширум земјата, се вели во соопштението. мд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан