• среда, 25 декември 2024

Ноќните возови се враќаат во Европа

Ноќните возови се враќаат во Европа
25 јануари 2020 Хина Само 40 килограми емисии на јаглерод диоксид на вашата совест. Споредете го тоа со 410 килограми колку што е потребно за лет преку Европа. Ова е еден од аргументите за користење на новиот европски ноќен воз, кој во понеделникот првпат превезуваше патници од Виена до Брисел. Движењето на новите возни линии доаѓа во време кога сè повеќе европски земји го разгледуваат зголемувањето на своите железнички понуди поради патниците кои се загрижени за климата од последиците од летањето. Операторот на новиот воз, Австриската сојузна железница (ОББ), соопшти дека линијата „Најтјџет“ ќе функционира во недела и среда со поаѓања во 20:38 часот од Виена и 20:44 од Инсбрук. Повратната линија е еден ден подоцна. Патот од Виена до белгиската престолнина опфаќа и застанувања во Нинберг, Франкфурт и Келн. На возот со класични вагони за седење и вагони за спиење за тоа патување му требаат 14 часа. По неколку години опаѓање на бројот на ноќни возови поради порастот на популарноста на нискобуџетните авиолинии, трендот малку се менува, бидејќи патниците сè повеќе се грижат за климатските промени. ОББ веќе неколку години е пионер во заживувањето на ноќните линии. Директорот Андреас Матае вели дека е горд на тоа. Еден од првите патници, Лизбет Вандеброк, која живее во Австрија, но работи за туристичката заедница на Фландрија, вели дека ѝ е важно при нејзините чести патувања во Брисел да остава што помал „еколошки отпечаток“, но беше и лирски расположена зборувајќи за романтичноста на ноќните возови. - Како студентка патував насекаде со ноќни возови... Тоа е удобно и многу носталгично, вели Вандеброк. Со цените за места за седење од 19 евра, ОББ им е конкурентен на нискотарифните авиони. Цената во вагон за спиење е многу повисока. ОББ, сам или во партнерство, управува со 27 ноќни возови, а активирањето на уште една нова линија, за Амстердам, се планира за декември. Пред три години ОББ купи неколку ноќни возови од германската државна железница „Дојче бан“, за што Матае признава дека во тоа време било ризично. - Но, се исплатеше, додава новата австриска министерка за животна средина Леонор Гевслер од Партијата на зелените. Ова е во согласност со амбицијата на австриската Влада земјата до 2040 година да стане јаглеродно неутрална. - Нема град во Европската Унија од кој поаѓаат толку многу ноќни возови како од Виена. А таа мрежа може и да се прошири, вели Гевслер. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан