• вторник, 24 декември 2024

Норвешкиот крал Харалд за роденден го доби моторот што го возел пред 70 години

Норвешкиот крал Харалд за роденден го доби моторот што го возел пред 70 години

Осло, 22 февруари 2023 (МИА) - Норвешкиот крал Харалд Петти на својот 86. роденден имал големо изненадување кога вработените во кралската палата му подариле мотоцикл којшто пред 70 години го добил за роденден, но кусо потоа го продал.

Пред точно седум десетлетија, за својот 16. роденден, принцот Харалд добил син мотор како роденденски подарок од својот татко кој тогаш - во 1953 година сè уште бил престолонаследник, подоцнежниот крал Олав Петти. Младиот принц го возел моторот на шведскиот производител до 1955., кога добил возачка дозвола за автомобил. Возилото на две тркала потоа било продадено.

Во дворецот лани имало изложба на возила што ги користеле норвешките кралеви низ годините, па монархот Харалд, кој е на престолот од 1991 година, во еден миг прашал - дали некој знае каде завршил неговиот прв мотоцикл „Хускварна 30 спорт“ (Husqvarna 30 Sport)?

Како што соопшти кралското семејство, тоа изминативе месеци било повторно најдено, по што следеле и неопходните прегледи и поправки. Потоа му било предадено на кралот со првичната регистарска табличка.

Норвешкиот владетел како и обично во четвртокот го прослави својот роденден приватно. Не се знае дали притоа го возел тој мотор.  си/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан