Ногачески: Гласајте со срце и разум, за иднината на Дебрца
- Градоначалникот на Дебрца и независен кандидат за трет мандат вечерва упати завршен повик до жителите на Општина Дебрца, в недела да излезат на гласање и да решат не само кој ќе ја предводи општината туку каква ќе биде нејзината иднина.
Охрид, 17 октомври 2025 (МИА) – Градоначалникот на Дебрца и независен кандидат за трет мандат вечерва упати завршен повик до жителите на Општина Дебрца, в недела да излезат на гласање и да решат не само кој ќе ја предводи општината туку каква ќе биде нејзината иднина.
-Во недела излегуваме на уште едни избори – избори на кои не се одлучува само кој ќе биде градоначалник, туку каква ќе биде иднината на нашата општина. Во изминативе години заедно покажавме дека може поинаку – дека кога има чесност, труд и љубов кон родното место, се можат многу работи. Реализиравме проекти што се гледаат, дела што остануваат зад нас, а не празни зборови. Најголемиот успех е што ја вративме вербата дека општината е на граѓаните, а не на партиите, порача Ногачески.
Тој упати повик до граѓаните в недела истото тоа да го потврдат, „да покажат дека Дебрца партиски не се дели, да се продолжи обединето со верба, со енергија и со љубов кон Дебрца“.
-За крај, за нешто што ми тежи во душата. Во оваа градоначалничка трка влегов слушајќи го гласот на народот. Не влегов во оваа трка за позиција, туку за достоинство. Да покажам дека има луѓе што не се продаваат, дека има вредности што не се мерат со пари, и дека вистината – колку и да ја газат – секогаш излегува на виделина, посочи Ногачески.
Тој им порача на сограѓаните дека нивен е изборот, „дали ќе се враќаат назад кон старите навики и празни зборови“ или ќе се продолжи напред „по патот на работа, развој, заедништво и остварени дела“, повикувајќи ги да гласаат со срце и разум, за дела, за чесност, за иднина. аб/хс/
фото: МИА архива