• среда, 25 декември 2024

Нов препев на стихови од Есенин

Нов препев на стихови од Есенин
Охрид, 5 април 2021 (МИА) - Во издание на ПНВ „Публикации“ од печат излезе книгата „Песни“ со стихови на рускиот поет Сергеј Есенин, во препев на Славе Ѓорѓо Димоски. Првпат на македонски јазик се објавени кусата поема „На мој начин“ и поетските циклуси „Кафеанска Москва“ и „Персиски мотиви“, како и подолг есеј „Есенин: живот, восхит, легенда на суровоста“ во кој е презентиран материјал што укажува дека Есенин е ликвидиран од тогашната тајна полиција „Че-Ка“. „Кафеанска Москва“ ја сочинуваат горчливи, застрашувачки, маестрални и искрени стихови кои ја отсликуваат боемско-хулиганската фаза на поетот, подоцна во литературата позната како „есенинштина“. Од друга страна, „Персиски мотиви“ се творби во кои Есенин го вградува искуството на источната (персиска) литература. „Црниот човек“ од светската литературна критика е оценета како една од најпотресните поеми на 20 век која поставува многу егзистенцијалистички прашања, на кои тешко се даваат одговори. Во книгата е поместен и „QR code reader“ што им овозможува на читателите да го слушнат гласот на големиот Есенин, кого светската критика го посочува како „метеорот кој ја озари светската поезија“. аб/лв/  

Остани поврзан