• вторник, 24 декември 2024

Нов лек за забавување на Алцхајмеровата болест

Нов лек за забавување на Алцхајмеровата болест

Лондон, 18 јули 2023 (МИА) - Нов лек за Алцхајмеровата болест е оценет како „пресвртница во борбата“ против тоа нарушување, откако беше откриено и научно потврдено дека ја забавува неговата прогресија.

Истражувачите поделиле 1.800 учесници во две еднакви групи. Притоа, првите испитаници 18 месеци примале месечна инфузија на лекот „Донанемаб“, а вторите земале плацебо. Се утврди дека „Донанемаб“ го прави „клиничкото опаѓање“ побавно до 35 отсто, што значи дека луѓето со оваа болест сè уште можат да вршат секојдневни активности, како купување, домаќинство, управување со финансии и земање други лекови. Околу 47 отсто од луѓето кои го земале лекот, а ја имале болеста во рана фаза, имале ниски или умерени нивоа на тау-протеинот, и една година немале прогресија на болеста.

Здружението за истражувања на Алцхајмеровата болест во Обединетото Кралство вели дека се влегува во нова ера кога заболувањето „може да стане излечиво“, се наведува во написот објавен и во „Журналот“ на Американското медицинско здружение.

Здружението забележува дека лековите како „Донанемаб“ еден ден може да доведат до тоа - Алцхајмеровата болест да се спореди со хронични болести како што се астма или дијабетес.

Лекот е произведен од „Ели Лили и компани“. Регулаторите за здравствени трошоци во Англија веќе проценува дали лекот може да се користи во дел од англискиот јавен здравствен систем.

Научниот труд претходно беше претставен и на Меѓународната конференција на здруженијата против Алцхајмеровата болест во Амстердам, Холандија.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан