• вторник, 21 април 2026

Нов импулс за соработка: собраниска делегација на средби во хрватскиот Сабор

Нов импулс за соработка: собраниска делегација на средби во хрватскиот Сабор

Скопје, 17 април 2026 (МИА) - На вториот ден од студиската посета, делегацијата од Собранието, составена од пратеници - членови на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, како и претставници од собраниската служба, оствари повеќе средби во хрватскиот Сабор.

Во рамките на посетата, како што соопшти собраниската прес-служба, се одржа средба со потпретседателката на хрватскиот Сабор, Сабина Гласовац, на која се разговараше за актуелни парламентарни прашања и зајакнување на меѓусебната соработка.

Потоа делегацијата остварила средба со генералниот секретар на Саборот, Давор Орловиќ, како и со шефот на Кабинетот на претседателот на Саборот, Матеј Бречиќ, при што биле разменети искуства за организацијата и функционирањето на парламентарните служби.

Средбата со Јелена Милош, претседателка на Комитетот за европски прашања и претседателка на Меѓупарламентарната група за пријателство Хрватска - Северна Македонија, била посветена на дискусија за позицијата на државата пред и по членството во Европската Унија, како и за предизвиците и придобивките од евроинтегративниот процес.

Во продолжение биле разгледани прашања поврзани со функционирањето на парламентарните служби, институционалната координација и размената на релевантни искуства во текот на процесот на европска интеграција.

Во насока на зајакнување на меѓупарламентарната соработка, делегацијата остварила средба и со Кристина Икиќ-Баничек, претседателка на Комисијата за меѓупарламентарна соработка, при што била потенцирана важноста од продлабочување на партнерските односи меѓу двата парламента.

На средбите било истакнато дека долгогодишната стабилна соработка меѓу двата парламента е потврдена преку многубројни билатерални посети. Било нагласено дека преку досегашната соработка е разменето значајно искуство во областа на европските интеграции и законодавните процедури.

Особено било истакнато дека Хрватска како последна земја членка што се приклучи на Европската Унија има длабоко разбирање за сложеноста на пристапниот процес и претставува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија.

Соговорниците потенцирале дека службените лица располагаат со високо ниво на експертиза и искуство и изразија подготвеност за понатамошна соработка. Парламентарната експертска служба беше посочена како компетентна и етаблирана, особено преку искуството стекнато за време на процесот на пристапување во Европската Унија.

Во продолжение на студиската посета, како што се наведува во соопштението, се предвидени и заеднички дебати помеѓу службите на двата парламента, како и подготовка на активни предлози и насоки за унапредување на институционалните процеси и меѓусебната соработка. дма/вј/

Фото: Собрание на РСМ

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан