Нов бран насилство во Сирија, загинати над 1.300 лица
- Привремениот сириски претседател Ахмед ел Шара најави формирање независен комитет кој ќе ги истражува злосторствата извршени од сите страни во конфликтот.

Дамаск, 11 март 2025 (МИА) - По три месеци релативен мир по соборувањето на претседателот Башар ал Асад, Сирија во текот на изминатата недела повторно стана поприште на интензивни борби, кои досега однесоа повеќе од 1.300 животи.
Сириското Министерство за одбрана вчера соопшти дека ја завршило воената операција против преостанатите приврзаници на поранешниот режим во крајбрежните провинции Латакија и Тартус.
– Нашите сили успешно ги неутрализираа безбедносните ќелии и остатоците од поранешниот режим, обезбедувајќи стабилност во регионот – се наведува во соопштението.
Привремениот сириски претседател Ахмед ел Шара најави формирање независен комитет кој ќе ги истражува злосторствата извршени од сите страни во конфликтот.
– Секој што учествувал во крвопролевање, злоупотребил моќ или прекршил државни овластувања ќе одговара. Никој не е над законот, порача тој.
Според Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), во изминатите денови загинале најмалку 745 цивили, 125 припадници на сириските безбедносни сили и 148 лојалисти на Асад.
Организацијата предупреди дека бројот на жртви би можел уште повеќе да се зголеми, а забележани се и случаи на палење куќи и присилни иселувања.
Стравот меѓу етничките и верските малцинства во Сирија, особено кај Алавитите, Христијаните и Друзите, расте. Курдските сили, пак, велат дека крвавите настани во Латакија се доказ зошто нивната автономија мора да остане заштитена.
Еден од лидерите на сириските Курди изјави за канадскиот весник „The Globe and Mail“ дека, доколку УН не интервенира, земјата би можела да влезе во нова граѓански војна.ссм/
фото: ЕПА