• вторник, 31 март 2026

Нов бран апсења во Турција поради сомневања за измама и корупција во општини управувани од опозицијата

Нов бран апсења во Турција поради сомневања за измама и корупција во општини управувани од опозицијата

Анкара, 30 март 2026 (МИА) - Нов бран апсења поврзани со сомневања за измама и корупциски практики во општини управувани од турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) ја зафати Турција во последните денови - објавија турските медиуми. Приведени се вработени во Општината Анкара Етимесгут и во Општината Голема Анталија.

Според информациите од Канцеларијата на главниот обвинител на Западна Анкара, цитирани од весникот „Биргун“, директорот и сметководителот на Дирекцијата за социјална помош на општината Анкара Етимесгут, како и генералниот директор и благајникот на општинската компанија „Етимкент“, се приведени утрово. Денеска беа извршени претреси во домовите на четворицата приведени, а според информациите од канцеларијата на Обвинителството, операцијата е спроведена откога ревизијата откри сериозни неправилности во сметководствените информации и во финансиските трансакции на Општината.

Во посебна операција утрово приведени се и главниот советник на Општина Голема Анталија (јужна Турција), Џем Огуз, и еден од вработените во Општината, објавува „ТРТ Хабер“. Приведувањата се дел од поширока истрага за корупција во Општината, предводена од Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Истанбул.

Вчера, во истата истрага беше приведен уште еден општински службеник од Општина Голема Анталија, а двајцата возачи на разрешениот градоначалник на Анталија, Мухитин Бочек, кој моментно е во притвор, беа задржани во траен притвор по нивното апсење минатиот четврток, објавува „ТРТ Хабер“.

Минатиот петок, градоначалникот на западниот турски град Ушак, Озкан Јалам, кој е исто така од ЦХП, беше исто така приведен под обвинение за корупција и местење понуди.

Најновиот бран апсења е дел од голема кампања на турските власти за истрага на општините управувани од ЦХП, која досега притвори голем број општински функционери и градоначалници од опозициската партија, вклучувајќи го и разрешениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше приведен на 19 март 2025 година.

Веста доаѓа во време на тековното судење на Имамоглу и 407 други обвинети, вклучувајќи неколку други градоначалници од ЦХП, кое почна на 9 март. Според обвинението на турското Обвинителство, организирана група предводена од Имамоглу почнала да дејствува за време на неговиот мандат како градоначалник на општина Бејликдузу во Истанбул и се проширила за време на неговиот мандат како градоначалник на општина Голем Истанбул. Имамоглу е обвинет за 142 дела, вклучувајќи „формирање организација со намера за извршување кривични дела“, „прикривање докази за кривично дело“ итн., а обвинителите бараат казна до 2.352 години затвор за него. мс/јт/

фото: Архива

Остани поврзан