• петок, 08 ноември 2024

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“
Скопје, 19 јули 2021 (МИА) – Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“ во кое првообвинет е пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. Во воведниот говор, на првото рочиште за предметот, одржано на 16 јули, обвинителката Стефанова, рече дека за секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдат ќе изведат докази и побара да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт. Бранителот на Сашо Мијалков, адвокат Ѕвонко Давидовиќ, нагласи дека онака како што е напишано обвинението, воопшто не соодветствува на законското битие на кривичното дело „перење на пари“, кое како што посочи е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи, а Обвинителството ниту го утврдило, ниту го предлага, ниту може да ја докаже неговата умисла и знаењето дека некој друг незаконито зел пари од партија па му помогнал на тој начин што му предложил офшор компании. Ние не сме должни да докажуваме невиност, заклучи Давидовиќ, но, како што изјави, во овој случај ќе докажуваат дека она што го тврди Обвинителството е според него, прво апсурдно, второ, нема ни законски елементи на битието на кривичното дело, ниту елементи на вина, а нема ни правна ни човечка логика. Адвокатот на Јордан Камчев, Еленко Миланов, смета дека во конкретниот случај пред сè не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт. - Слушнавме во воведниот говор нови докази за наводни трансакции. Финансиски трансакции без економско вештачење какво што ниту е најавено, ниту направено од Обвинителството не може да има. Ќе докажеме дека ништо од ова не е со средства на тој начин и на кој било друг, туку дека сите средства коишто потекнуваат во овие купувања на удели се од деловно работење на ОРКА компанијата, изјави Миланов, по првото рочиште за предметот. Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела. Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево. Екс премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост. аа/дма/

Остани поврзан