• вторник, 24 декември 2024

Ново вештачко езеро на депресијата од рудникот „Осломеј-запад“

Ново вештачко езеро на депресијата од рудникот „Осломеј-запад“
Кичево, 7 февруари 2022 (МИА) - На дел од депресијата на поранешниот рудник за јаглен Осломеј - запад, се создава вештачка акумулација, која за 3-4 години целосно ќе се наполни со вода и ќе се претвори во вистински рај за риболовците и љубителите на убавата природа. Вештачкото езеро, според проценките на првите луѓе на Спортско риболовното друштво „Хантер Фиш“, ќе биде со многу поголема површина и длабочина. - По завршување на експлоатацијата на јаглен на депресијата на овој рудник, ќе биде формирано вештачко езеро многу поголемо од постоечкото и со поголема длабочина.Вештачкото езеро ќе се формира најдоцна за 3-4 години, по што на релативно мал простор ,одалечени едно од друго околу 2 километри, ќе имаме две вештачки акумулации, кои ќе придонесат за развој на туризмот и спортскиот риболов во нашата општина, потенцираат од риболовното друштво. Од риболовното друштво истакнуваат дека оваа информација секако дека ќе ги израдува спортските риболовци од целата земја, а  како што посочуваат, близината на магистралниот пат до овие езера, во целост ќе го променат имиџот на кичевскиот регион. - За нас членовите на спортско-риболовното друштво „Хантер-Фиш“, ова е најпријатната вест што ја имаме добиено во последно време. Ако до вчера во блиската околина воопшто немавме услови за спортски риболов, бидејќи реките беа преполни со секаков вид на отпад и речиси мртви, за кусо време ќе имаме два езерски бисери на една микро-локација, кои драстично ќе го променат имиџот на нашата регија, бидејќи со уредувањето на земјиштето и изградба на соодветни објекти ќе бидеме вистински магнет за спортски риболов и уживатели на убавата природа, рече Мире Ночески, портпарол на спортското друштво и ја најави новата традиција што ќе се создаде со двете езера во овој регион. Ночески очекува транзитерите кои поминуваат низ Кичево, барем на час да поминат крај овие езера и таа традиција на дружба да ја продолжат со своите другари, пријатели и познаници. Вели дека оваа поволност ќе придонесе за развој на риболовниот туризам.за/фф/

Остани поврзан