• сабота, 23 ноември 2024

Новоименуваната швајцарска амбасадорка му ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски

Новоименуваната швајцарска амбасадорка му ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски
Скопје, 8 октомври 2021 (МИА) - Новоименуваната амбасадорка на Швајцарија во земјава Вероник Улман денеска му ги предаде акредитивните писма на претседателот на државата Стево Пендаровски. - Чест ми е што сум акредитирана да служам како амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија и со радост очекувам понатамошно зајакнување на одличните односи меѓу нашите две земји. Како мали повеќејазични земји без излез на море кои споделуваат тесни културни врски и размени преку значителната дијаспора, Северна Македонија и Швајцарија имаат многу заеднички интереси и можности за соработка, изјави амбасадорката Улман. Како што соопшти прес-службата на Амбасадата на Швајцарија во Скопје, претседателот Пендаровски потенцирал дека низ годините успеавме да постигнеме развој на динамични политички односи и како резултат на тоа нашата земја, денеска, во Швајцарската Конфедерација гледа голем пријател и искрен сојузник во процесот на остварување на нашите надворешнополитички приоритети. Тој посочил дека би сакал во идниот период да ги искористиме сите можности за натамошен развој на економските односи, имајќи го предвид потенцијалот на двете држави. - Еден од најбитните сегменти на билатералните односи се иселениците од Република Северна Македонија во Швајцарија. Нашата многубројна дијаспора е амбасадор на нашата традиција, обичаи и вредности, со што станаа моќен мост на поврзување на двете општества, двете земји. Преку културната, економската и технолошката интеракција и нишките кои ги спојуваат двете земји, стануваат позабележливи и уште подлабоки, рече Пендаровски. Актуелната цел на Швајцарската програма за соработка, посочи Улман, е унапредување на квалитетот на живот на граѓаните во Северна Македонија преку зајакнување на демократските институции и практики, промовирање одржлив и инклузивен економски раст и заштита на природните ресурси. - Швајцарија додава вредност преку експертиза, финансиски средства и конструктивен ангажман со нејзините долгорочни партнери во Северна Македонија. Денес Швајцарија е најголемиот билатерален развоен партнер на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот на земјата и нејзините граѓани, исткна швајцарската амбасадорка Улман. Со хуманитарна помош Швајцарија во Северна Македонија е присутна од 1992 година. Дипломатските односи се воспоставија во 1994 година, а Швајцарската амбасада во Скопје беше отворена во 2000 година. Амбасадорката Улман, исто така, ќе ја води Швајцарската програма за соработка во Северна Македонија во тесна соработка со Владата и институциите на Северна Македонија, граѓанското општество и приватниот сектор. фф/сп/

Остани поврзан