• среда, 25 декември 2024

Нови три индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста во Неготино 

Нови три индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста во Неготино 

Неготино, 3 февруари 2024 (МИА) - Нови три индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста се поставени во општина Неготино во градското подрачје, информираат од еколошкото здружение ,,Ековита". Оттаму нагласуваат дека сега вкупниот број на мерни станици на неготинска територија изнесува шест.

Претседателот на здружението, Сашко Тодоров појасни дека вкупниот број на станици ги вклучува и претходно поставените во градот и во селата Вешје и Војшанци. Ќе се постават уште четири, во наредниот период во Повардарието. 

- Продолжуваме до поставување на 10 станици следниот период. Ќе добиеме споредбени вредности од повеќе точки. Станиците даваат резултати за пет параметри.  Температура, влажност, атмосферски притисок, пм 2.5 и пм 10 честички. Населението, особено земјоделците, може да добијат резултати за овие параметри за период до една година, во секое време преку интернет, појасни за МИА, Тодоров, инаку дипломиран инженер биолог. 

Тој потсети дека според првичните сознанија, загадувањето на воздухот во Неготино е најголемо во вечерните часови, кога во сите домаќинства масовно се затоплува со различен вид на греење. 

- Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини“,  од страна на Здружението на граѓани „Ековита“ во соработка со Antigonea Biking, а поддржан од Македонско здружение на млади правници,  Go Green, младинска асоцијација ,,Креактив" Кавадарци, Центар за климатски промени Скопје, финансиски поддржан од делегацијата на Европската Унија, додаде Тодоров, нагласувајќи дека ,,Ековита" години наназад се залага за почиста и поздрава животна средина. свд/дма/


Фото : МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан