• вторник, 19 ноември 2024

Новиот претседател на Шри Ланка распиша парламентарни избори

Новиот претседател на Шри Ланка распиша парламентарни избори

Коломбо, 24 септември 2024 (МИА) - Новиот претседател на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке, денеска го распушти парламентот и распиша нови парламентарни избори за 14 ноември во обид да ја консолидира власта.

Партијата на претседателот има само три места во парламентот на Шри Ланка, а предвремените избори би можеле да му помогнат да ја преземе контролата врз телото. За време на изборната кампања Дисанајаке вети дека ќе го распушти парламентот доколку победи и дека ќе распише предвремени избори.

Актуелниот петгодишен мандат на собранието истекува во август следната година.

Дисанајаке денеска ја назначи и опозициската пратеничка Харини Амарасурија за премиер, со што стана првата жена на чело на владата на Шри Ланка по 24 години.

Амарасурија, универзитетски предавач и активист, доаѓа од слично потекло на Дисанајаке и двајцата се членови на левичарската коалиција Национална народна моќ.

Неговата победа на изборите во саботата над поранешниот претседател Ранил Викремесинге и опозицискиот лидер Саиџит Премадаса покажа дека Шри Ланка ја отфрли старата политичка гарда што ја обвинија за економската криза.

Првиот голем предизвик на Дисанајаке ќе биде да го исполни неговото предизборно ветување за олеснување на мерките за штедење наметнати од неговиот претходник Викремесинге според договорот со Меѓународниот монетарен фонд, откако Шри Ланка не го подмири својот долг. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан