• понеделник, 23 декември 2024

Новиот лидер на Виетнам пристигна во Кина

Новиот лидер на Виетнам пристигна во Кина

Гуангжу, 18 август 2024 (МИА) - Виетнамскиот лидер То Лам ја започна тридневната посета на Кина, што е негово прво патување во странство откако ја презеде главната функција во земјата пред околу две недели, објавија американските медиуми.

Лам пристигна утрово во Гуангжу, индустриски и извозен центар во близина на Хонг Конг, соопштија кинеските државни медиуми. Неговата програма вклучува посета на локации во јужниот кинески град каде што живеел и поранешниот виетнамски комунистички лидер Хо Ши Мин, објави државниот весник Глобал тајмс.

За време на своето патување, То Лам ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг и други високи претставници.

На 3 август, Лам беше потврден за генерален секретар на Комунистичката партија на Виетнам, највисоката лидерска позиција во земјата. Од мај, тој ја носи и главно церемонијалната титула претседател на земјата. Лам го наследи Нгуен Фу Чонг, кој почина на 19 јули по 13 години како генерален секретар.

Се очекува новиот лидер да ја продолжи стратегијата на неговиот претходник за балансирање на врските со Кина, САД и Русија, напиша вчера во Глобал тајмс Ју Ксијангдонг, директор на Институтот за виетнамски студии на кинескиот универзитет

-Фактот што Лам ја избра Кина како прва дестинација за посета во странство по преземањето на функцијата е знак дека Виетнам им придава големо значење на односите со Кина, рече Ју во својата статија. „Но, во исто време, судејќи според досегашното искуство, во никој случај нема да им го сврти грбот на САД“, рече тој. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан