• среда, 27 ноември 2024

Новиот водовод во селото Преглово ќе биде пуштен во употреба идната недела 

Новиот водовод во селото Преглово ќе биде пуштен во употреба идната недела 

Кичево, 8 јуни 2021 (МИА) - Проблемот со водоснабдување на жителите на Преглово, село со 1400 жители во општина Пласница е решен. Изграден е нов водовод, кој ќе биде пуштен во употреба следната седмица.

-Новиот водовод во селото Преглово е изграден со средства што ги обезбеди Владата преку Министерството за транспорт и врски во износ од девет милиони денари. За потребите на новиот селски водовод беше изграден цевковод со должина од 4 500 метри со профил на Ф-160, истакна градоначалникот на општина Пласница, Алија Јаоски.

Покрај магистралниот цевковод, за новиот водовод е изграден и секундарен цевковод од дополнителни 1 000 метри, од каде ќе се добијат дополнителни количества на квалитетна вода, со што за селаните од Преглово ќе се обезбедат минимум 30 литри вода во секунда и во најсушниот период од годината.

-За да се обезбеди доволна вода за селото, каптирани се шест извори, кои се гаранција дека Преглово повеќе нема да стравува од водена криза, рече Јаоски.

Посочи дека водата и патот се главни предуслови за да се намали иселувањето од ова село, што досега не беше случај.

-Со изградбата на новиот селски водовод и изградба на патиштата до и во селото, обезбедени се главните предуслови за намалување на иселувањето на жителите од ова село и целата општина Пласница, кое за жал е присутно со висок степен во последните две децении, додаде Јаоски.

Жителите од ова село се презадоволни од изградбата на новиот водовод.

- Презадоволни сме од изградбата на новиот водовод  и сега ќе  почнеме да живееме порелаксирано без да размислуваме дали ќе имаме сушно лето и проблеми со водоснадување и тоа најмногу во периодот кога  водата е најпотребна, вели Веиз Салифоски, жител на ова село.

Инаку, градежните работи за новиот водовод ги изведе локалната компанија „Несмин Комерц“ од селото Пласница. за/рп/

Остани поврзан