• петок, 08 ноември 2024

Новиот американски амбасадор во Косово допатува во Приштина

Новиот американски амбасадор во Косово допатува во Приштина

Приштина, 9 јануари 2022 (МИА) – Новиот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер допатува попладнево во Приштина за да ја преземе должноста на која го именува американскиот претседател Џо Бајден, објави досегашниот вршител на работите во амбасадата, Николас Џакобе.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Џакобе на офцијалната страница на Твитер на американската амбасада во Косово, најави дека Ховениер во текот на утрешниот ден ќе ги достави акредитивите на косовската претседателка Вјоса Османи.

- Денеска му посакав добредоје на именуваниот амбасадор Џеф Ховениер. Ми беше чест да служам како вршител на работите во минатите неколку месеци, напиша Ѓакобе.

Ховениер на чело на дипломатската мисија на САД во Косово ќе го наследи Филип Коснет, кој за амбасадор во Приштина беше номиниран од поранешниот американски претседател Доналд Трамп пред три години, во јули 2018 година.

Како и Коснет, и новиот амбасадор во Приштина доаѓа од позицијата заменик амбасадор во Турција. Пред тоа има службувано во амбасадите на САД во Хрватска, Грција, Панама, Парагвај и Перу, а бил и дел од тимот на специјалниот пратеник на Обединетите нации за статусот на Косово. Освен тоа, бил директор за Централна и Југоисточна Европа во Советот за нацинална безбедност на САД.

По повод именувањето од страна на претседателот Бајден на чело на дипломатската мисија во Косово, во јули минатата година, приштинските медиуми го опишаа Ховениер како мошне добар познавач на приликите во Косово и регионот. Тие потсетија дека во 2018 година тогашниот косовски претседател, Хашим Тачи го одликува со Јубилејниот претседателски орден за 10-годишнината на независноста, со образложение за неговиот „придонес за слободата и независноста на Косово“.

Ховениер во таа прилика изјави дека американскиот став секогаш бил во поддршка на слободата и независноста на Косово.

– Јас и моето семејство се чувствуваме многу почестени. Позитивните промени во Косово се импресивни. Јас секогаш ќе бидам пријател на Косово, изјави Ховениер пред четири години. иа/

Остани поврзан