• вторник, 24 декември 2024

Белорускиот нобеловец Алеш Бељацки осуден на 10 години затвор

Белорускиот нобеловец Алеш Бељацки осуден на 10 години затвор

Минск, 3 март 2023 година (МИА) -  Минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир и активист за човекови права, Алеш Бељацки, денеска од суд во Белорусија е осуден на 10 години затвор. 

Нобеловецот и уште двајца активисти од Центарот за човекови права „Весна“, што тој го основаше, беа уапсени за време на протестите во 2020 година против реизборот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ја потисна опозицијата во земјата и ги задуши сите независни медиуми.

Обвиненијата во судењето на Бељацки, што почна на 5 јануари, се поврзани со тоа што „Весна“ им давала пари на политичките затвореници и помагала да ги платат нивните судски трошоци.

Минатата година уапсениот активист беше прогласен за добитник на Нобеловата награда за мир, заедно со руската група „Меморијал“ и украинската организација „Центар за граѓански слободи“.

Бељацки не можеше во декември да присуствува на церемонијата на доделување на Нобеловата награда, а во негово име на свеченоста зборуваше сопругата Наталија Пинчук. сд/

Остани поврзан