• вторник, 24 декември 2024

Нинг: Апсурден е коментарот на Бајден за Џинпинг

Нинг: Апсурден е коментарот на Бајден за Џинпинг

Пекинг, 21 јуни 2023 (МИА) - Кина денеска го осуди како „апсурден“ коментарот на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој на прием во Калифорнија рече дека неговиот кинески колега Си Џинпинг припаѓа на категоријата „диктатор“.

-Тој коментар на американската страна е навистина апсурден, многу неодговорен и не соодветствува со реалноста, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.

Бајден синоќа кинескиот претседател Си Џинпинг го нарече диктатор, додавајќи дека Си бил многу засрамен кога неодамна беше соборен кинески шпионски балон што леташе над САД.

Бајден ставот го искажа на настан за собирање средства во Калифорнија, еден ден откако американскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со Си во Пекинг, со цел да се намалат тензиите и ривалството меѓу двете земји.

-Причината зошто Си Џинпинг толку се вознемири кога го соборив тој балон со „два вагона шпионска опрема“ е затоа што не знаеше дека е таму. Тоа е голем срам за диктаторите. Кога тие не знаеја што се случило. Тој не требаше да оди таму каде што беше. Беше скршнат од курсот, рече Бајден. мс/сд/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан