• среда, 21 јануари 2026

Нилсен: Не можеме да ја исклучиме можноста САД да употребат воени сили во Гренланд

Нилсен: Не можеме да ја исклучиме можноста САД да употребат воени сили во Гренланд

Копенхаген, 20 јануари 2026 (МИА) - Не можеме да ја исклучиме можноста САД да употребат воени сили во Гренланд, иако е малку веројатно дека тоа ќе се случи, изјави денеска премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.

„Затоа мора да бидеме подготвени за сите можности. Но, нагласуваме дека Гренланд е членка на НАТО и доколку дојде до ескалација, тоа ќе има последици за надворешниот свет“, рече Нилсен, пренесен од британските медиуми.

Нилсен изјави дека „нема сомнение“ дека на Гренланд ќе му треба поголемо воено присуство.

„Ако го погледнеме одбранбениот сектор, гледаме дека има многу вежби од страна на сојузничките земји и дека има растечки тензии на Арктикот“, додаде тој.

Премиерот на најголемиот остров на светот истакна дека Гренланд се стреми кон поблиска соработка со Европската Унија.

Зборувајќи за фотомонтажата што американскиот претседател Доналд Трамп ја објави на својот профил на Truth Social претходно денеска, на која се гледа како Трамп, потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и државниот секретар на САД Марко Рубио поставуваат американско знаме на земја во Гренланд, Нилсен рече дека тоа е „непочитување“.

Претходно денеска данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Данска не може да преговара за сопствениот суверенитет, идентитет и демократија.

„Ова е прашање на светски поредок. Најлошото можеби допрва доаѓа“, рече таа.сд/ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан