• сабота, 23 ноември 2024

Николоски: Само со тендерот за Марковски може да се изградат половина од средните училишта во Македонија

Николоски: Само со тендерот за Марковски може да се изградат половина од средните училишта во Македонија

Скопје, 21 февруари 2024

Оваа прес конференција е продолжение на скандалот кој што го објавивме во однос на рекордниот криминален тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола за почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски. Продолжуваме со нови криминални детали.

Би сакале да го прашаме менаџерскиот тим на Електрани на Македонија и особено шесте лица потпишани на договорот за јавна набавка кој што сакам повторно да ги прочитам, Пеце Матевски, Златко Алексовски, Драги Крстев, Владо Котевски, Димитар Петковски и Васко Јосифовски кој е нивниот мотив или да бидам попрецизен кој е нивниот финансиски интерес со цел да спроведат и да потпишат ваков тендер. Дали разликата од 30% помеѓу избраната понуда и најниска понуда  е можеби мотивот за овие шест лица, директори во РЕК Битола да потпишат ваков криминален тендер, а претходно да постават критериуми кој што одговараат само на една компанија. Дали во криминалната постапка извршиле намерно зголемување на критериумите за учество на јавната набавка со цел како што кажав само една компанија да ги исполнува, што е директно прекршување на Законот за заштита на конкуренција? Дали намерно или ненамерно направиле превид  дека фаворизираниот економски оператор Марковски компани со истата механизација веќе учествува на два други тендери што е спротивно на закон. Повторувам, со истата механизација веќе работи по два претходно добиени тендери, значи истите машини РЕК Битола ги ангажира за три активни тендери. Дали ова значи дека истата машина ќе биде платена трипати за иста дневна работа и дали ова значи дека денот во РЕК Битола нема 24, нема 48, туку има 72 часа. 

Повторувам, истата машина ќе биде ангажирана три пати.

Ова значи дека Марковски компани ќе работи на три паралелни тендери со иста механизација, затоа што претходно со договор од 17.11.2023 за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива  од 03.10.2023 година за ископ на јаловина со градежна оператива ја понудил истата работна сила и рударско-градежна механизација како и на новиот тендер од 46 милиони евра.

Исто така раководството на Електрани на Македонија свесно и намерно дозволиле во условите на тендерската документација да нема забрана и злоупотреба односно да може да се користи истата опрема и истиот кадар. 

Понатаму еден од критериумите за утврдување на техничката способност со кој се барало идниот економски оператор да има извршено ископ од најмалку еден милион тони јаглен или 8 милиони тони јаловински маси кумулативно во последните три години. 

Во претходната постапка која исто така ја добил Марковски компани се барало да има само ископ на јаловина од пет милиони кубици, значи повторувам во оваа тендерска постапка се бара да има ископано 8 милиони тони кубици јаловина, а во претходната да има ископано 5 милиони кубици јаловина, а разликата од 3 милиони кубици јаловина е толку колку што има Марковски ископано помеѓу двата тендери. Значи практично расте критериумот како што растат тендерите на Марковски комапни со цел дискриминирање на останатите, а фаворизирање на еден економски оператор со цел никој друг да не може да учествува. 
Ова и бројни други факти говорат за сериозниот криминал кој се случува во РЕК Битола во корист на само една компанија за што најдобар доказ се јавните набавки кои Марковски компани ги има добиено во РЕК Битола.  

Само во периодот од јануари 2021 година до февруари 2024 година, односно за 3 години Марковски компани има добиено 58 тендери во РЕК Битола во вкупна вредност од 163 милиони евра. Повторувам има добиено за 3 години 58 тендери во вкупна вредност од 163 милиони евра. Само со последниот тендер можат да се изградат половина од сите средни училишта во Македонија. Само со последниот тендер од 46 милиони евра македонските средношколци можат да добијат нови училишта, практично секое второ средно училиште да биде ново само со последниот тендер на Марковски компани, а со вкупниот број на тендери можат да се изградат сите средни училишта во Македонија и да останат пари и за спортски сали и за базени и да имаме комплетна преродба на македонското образование.

Но, власта не го прави тоа  туку решава да работи за своите криминални потреби. 
Повикувам надлежните органи, јавното обвинителство пред се сите тендери кои ги има добиено Марковски компани и да каже како е возможно за само 3 години да добиле тендери во вредност од 163 милиони евра, 58 на број, а исто така повикувам ЈО да испита зошто шесте директори на РЕК Битола прво не сакале, а потоа решиле да ја потпишат спорната јавна набавка за ископ на јаглен и јаловина во вредност од 46 милиони евра. 

Доколку тоа не го стори сега ЈО ќе го стори ослободеното ЈО по претседателските и парламентарните избори на 8 мај, по кои и точка и запирка ќе биде прегледана и сите кои прават криминал ќе одговараат.

Тендерот во РЕК е местен за Марковски компани, уште слика од Марковски не е прикачена во бараната тендерска документација


„Тендерот е така направен да уште слика фали од Борче Марковски да се стави во тендерската документација за да се знае дека е за него. Критериумите се така правени да никој друг не може да учествува. Еден пример дадов, а тоа е со условот да има компанија која има направено ископ од 8 милиони кубни метри на јаловина, а во претходниот тендер истиот услов бил 5 милиони кубни метри“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Потпретседателот Николоски истакна дека како Борче Марковски во Марковски компани вработува нови луѓе или купува машини така растат и критериумите.

„Еве уште нешто ќе кажам, доколку ја споредите оваа јавна набавка со јавната набавка од 2019-та година, ќе видите поместување во одредени критериуми како Борче Марковски во Марковски компани вработува нови луѓе, така растат критериумите, или купува машини. Па на пример во 2019-та година биле потребни за истата јавна набавка 15 хидраулични багери, а сега се потребни 40 хидраулични багери, а во меѓувреме овој набавил багери. Исто така во 2019-та година биле потребни 30 ракувачи на багер, сега се потребни 160 ракувачи на багер, исто така овој ги вработил, исто така и во ракувачи на булдожери биле потребни 12, сега 48 и грејдери биле потребни 4, сега 28. Прашањето е како стигаат до бројкиве, зошто на пример се потребни 28 грејдери, а не 26 или 30 грејдери, зошто се потребни 160 ракувачи на багер, а не 150 или 180, зошто се потребни 48 ракувачи на булдожер, а не 12 како што било минатиот пат или 96 на пример“, посочи Николоски.

Потпретседателот Николоски запраша за тоа како точно до овие бројки стигаат и додаде:

„Одговорот е многу едноставен, уште сликата на Борче Марковски фали во овие тендери во вкупна вредност од 163 милиони евра од кои само последниот е 46 милиони евра и за ова одговорност ќе има“, порача Николоски.


 Го осудувам нападот на Ковачевски врз медиумите


Се работи за брутално загрозување на демократијата во Македонија. Ваков директен напад врз слободата на новинарството Македонија не памети. Мислам дека извинување е најмалку што може да се очекува, вака потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговори на новинарско прашање околу нападите на Димитар Ковачевски кон медиумите.

Тој додаде дека целата јавност треба да треба да има широко отворени очи бидејќи власта е свесна за поразот што ја очекува и ќе се обидува да опструира на секаков начин.  

„Ова јасно говори за тенденциите на власта и затоа треба целата јавноста да има широко отворени очи во следниов период. Свесни се дека губат, нервозни се и ќе се обидуваат да го нарушуваат целокупниот демократски процес низ разни форми на притисок како што е овој притисок којшто го прават врз медиумите“, потенцираше Николоски и додаде:

„Наша поддршка за слободното и независно новинарство и да ги поддржиме новинарите да продолжат да си ја работат сопствената работа, а вакви како Ковачевски Македонија видела многу, но за среќа на Македонија и за нивна жал не завршуваат добро“.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан