• вторник, 17 декември 2024

Николовски: Северна Македонија е 29-ти најголем извозник на вино во светот

Николовски: Северна Македонија е 29-ти најголем извозник на вино во светот
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Иднината на македонското лозарство и винарство се создава во винарските визби на големите и малите произведувачи, но особено во последниве години, малите семејни винарии се оние што го доживуваат својот подем. Бележиме раст и кај регистрираните винарски визби, со зголемување од 55 отсто вкупен капацитет за преработка на вино кој достигнува до околу 200 милиони литри, што е речиси два пати поголемо од годишното производство на вино, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по денешното отворање на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград. Како што наведува Николовски, денес во Северна Македонија се регистрирани 71 мали винарии кои посветено одгледуваат сопствени лозови насади и произведуваат вино со врвен квалитет. -Чуството е прекрасно кога го гледам големиот интерес на посетителите на нашите македонски штандови и нивното задоволство од убавината на нашето македонско вино, истакнува министерот. Според него, Отворен Балкан нуди нов, поголем пазар за нашите македонски земјоделски производи, но и за македонското вино. -Она што ме радува е што на овој Саем прв пат учествуваат и малите винарии, членки на Здружението на малите семејни винарии, како и повеќе винарии од Здружението Вина на Македонија. За тоа колку е добро нашето македонско вино говори и посетеноста на македонските штандови, но и фактот дека Северна Македонија е 29-ти најголем извозник на вино во светот со вкупен извоз во вредност од 61,4 милиони долари и втора земја по извоз во регионот. Винскиот сектор за нас има посебно значење и токму затоа со посебно внимание го поддржуваме и промовираме, подвлекува Николовски. Саемот беше отворен во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама. На Саемот има преку 330 учесници од 22 земји. Земјава се претставува под слоганот „Вкуси го животот”, со 42 винарии, три дестилерии и десетина производители на храна. мч/дма/  

Остани поврзан