• сабота, 23 ноември 2024

Николовски: Почнуваме нов проект, решаваме децениски проблем на 2 000 земјоделски семејства од Пелагонискиот регион

Николовски: Почнуваме нов проект, решаваме децениски проблем на 2 000 земјоделски семејства од Пелагонискиот регион

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Нов проект со кој ќе се реши децениски проблем за 2 000 земјоделски семејства од Пелагонискиот регион, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски кој беше во работна посета на Битола.

Како што рече Николовски на средба со земјоделци од Пелагонискиот регион, станува збор за окрупнување на земјиштето.

-Дваесет години наназад, земјоделците не беа во можност да ги користат нивните парцели вратени со денационализација, бидејќи се заглавени во средина, помеѓу парцелите кои се дадени на долгогодишен закуп на ЗК „Пелагонија“. Со вакавата поставеност на парцелите, тие имаа отежнат или никаков пристап до површините и немаа услови за непречено да ги обработуваат и да остваруваат профит од земјоделско производство. Денеска можам да најавам дека на иницијатива на Министерството обезбедена е донација од меѓународна институција и веќе од април, стартуваме со проект кој ќе овозможи разрешување на статусот на сопственост на 2 000 сопственици на земјоделско земјиште, со вкупна површина од 1 300 хектари во 52 населани места во Пелагонискиот регион.

Според него, проблемот ќе биде решаван со консолидација.

-Ќе се определи земјоделско земјиште во државна сопственост со иста вредност и квалитет како и земјоделското земјиште во приватна сопственост кое било вратено со денационализација и со парцелизирање на тоа државно земјиште на толку делови колку што има засегнати сопственици во тој регион.  Во согласност со сите сопственици, наместо земјиштето кое е вратено со денационализација, ќе се додели во сопственост ново земјиште со иста вредност и квалитет, со правилна форма и со овозможен пристап за обработка, бидејќи сегашните парцели ќе бидат извадени надвор од средишните блокови на ЗК Пелагонија. Новото земјиште ќе биде запишано со право на сопственост во катастар, сите ќе добијат нов имотен лист, објасни Николовски.

На овој начин, рече, не само што нивните парцели ќе бидат ослободени од средишните делови на ЗК „Пелагонија“, туку ќе станат и функционални. Ќе можат да се обработуваат и врз основа на тоа да се аплицира за финансиска поддршка по разни мерки од програмите на МЗШВ.

-Ова е одлично и за државата и за македонското земјоделство. Со решавањето на овој проблем, добиваме функционални 1 300 хектари обработливо земјоделско земјиште, што во превод значи и зголемено производство и нов придонес кон домашната економија. Министерстсвото веќе има позитивно искуство од процесот на консолидација и тоа токму со акцент на Пелагонискиот регион, кој е најсилно поддржан во активностите за консолидација на земјоделското земјиште и тоа во Егри, Логоварди, Оптичари, Трн и Дабјани. Овие консолидациони подрачја, опфаќаат околу 2 000 хектари земјоделско земјиште во сопственост на околу 1000 земјоделци, чии парцели сега имаат правилна форма, пристапни патишта до површините и канали за наводнување. За ова бевме пофалени од Европската комисија дека сме земја лидер во регионот по реализација на консолидационен процес, потенцира министерот. мч/дма/

фото: МЗШВ

Остани поврзан