• сабота, 27 јули 2024

Николовски: Интервентна мерка од пет денари за килограм сончоглед предаден во регистрирани откупни капацитети

Николовски: Интервентна мерка од пет денари за килограм сончоглед предаден во регистрирани откупни капацитети

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски денеска во Велес ги презентираше новите мерки за поддршка на земјоделците и мерката за поддршка на производителите на сончоглед од Интервентната програма за 2024 година. 

Како што истакна Николовски, новата мерка од Интервентната програма предвидува пет денари поддршка за килограм сончоглед предаден во регистрираните капацитети за откуп, директно или преку еден откупувач. Со оваа мерка, нагласи, уште повеќе се јакне концептот за договорно производство.

-Оваа мерка е потврда за успешната соработка со земјоделците, а доаѓа како предлог на здружението на земјоделци производители на сончоглед. Прифатена е од Министерството и поддржана од најголемиот производител на масло за јадење, рече Николовски, кој во Велес беше придружуван од државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски.

Николовски на средбата со производителите на сончоглед потсети дека преку Интервентната програма во 2022 година беа обезбедени дополнителни средства до 40 отсто од трошоците за набавка на вештачко ѓубриво за производителите на житни култури, како и дека од оваа година поддршката за зелена нафта се зголемува на 100 отсто, за сите земјоделци.

-За уште поголема поддршка на земјоделците во своето производство од оваа година поддршката за зелена нафта ја зголемуваме за 100 проценти. Зборот што пред земјоделците го дадовме го исполнивме. Така производителите на сончоглед од оваа година ќе добиваат 4.800 денари по хектар поддршка за зелена нафта, истакна министерот.

Тој се осврна и на новиот модел за субвенционирање што стартуваше во 2023 година, а кој на земјоделците им дава поголема сигурност и поддршка. мч/бак/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан