• среда, 25 декември 2024

Низа забелешки за новиот шеф на ОЈО ГОКК, Абази тврди дека нема поврзаност со политичка партија

Низа забелешки за новиот шеф на ОЈО ГОКК, Абази тврди дека нема поврзаност со политичка партија
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Изборот на Ислам Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предизвика низа реакции во јавноста, од тоа дека самиот процес на избор треба да се доуреди и да предвидува некои дополнителни критериуми, до негово поврзување со лица од првите редови на ДУИ и обвинувања за политизирање на изборот. Додека за лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изборот на Абази е уште еден партиско-политички договор на власта, Министерот за правда Никола Тупанчески забележа дека во изборот има неколку недефинирани параметри и најави посторги правила и критериуми. Министерот Тупанчески, вчера на отворањето на семинарот „Превенција и спроведување на закони против корупција – перспективи од Франција и Југоисточна Европа“ во Скопје, рече дека смета дека за избор на шеф на ОЈО ГОКК остануваат неколку параметри кои се недефинирани до крај. – За избор ќе мора да се додаде цензусот и тоа дали ќе има потреба да се воведе втор круг на избори, но и дали ќе има некој дополнителен критериум. Да не заборавиме дека во нашата држава главниот проблем не е квалитетниот закон или правната рамка, напротив се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот на луѓето кои се дел од тие институции, изјави вчера министерот Тупанчески. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, вчера исто така, рече дека се надева оти новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, но вели дека фотографиите со првите луѓе на ДУИ оставаат простор да се верува дека „постоело некакво влијание“. - Да се надеваме дека новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, меѓутоа секако имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна, изјави Ивановска. Според претседателот на Собранието Талат Џафери познанствата на новоизбраниот шеф на ОЈО ГОКК со луѓе на ДУИ не треба да се коментираат, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти. - Прво и основно јас сум претседател на Собранието и како пратеник и како Собрание ние сме посебна власт, тие се посебна власт. Ние сме мала држава. Ако одиме од тоа дали се познаваме или не, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно ние дали се знаеме или не, рече Џафери. За лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изборот на Абази е уште еден партиско-политички договор на власта.

-Па јавна тајна е дека тоа претставува уште еден партиско-политички договор во власта, само исто така јавна тајна е дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за друг, па победил овој и така натаму. Продолжува партизацијата затоа следната анкета нема да биде довербата во судството и обвинителството 8 проценти ќе биде еден, два или три проценти. Претпоставувам тоа се овие неколку фамилии кои што се денеска во власта и од ДУИ и од СДСМ, изјави вчера Мицкоски.

На изборот на Абази, преку соопштение до медиумите, реагираше и „Левица“, обвинувајќи дека слабостите и недореченоста на Законот за јавни обвинители овозможиле за шеф на ОЈО ГОКК да биде избран анонимус за јавноста, но и за стручната фела. - Вмешаноста на ДУИ во изборот на Абази е провидна поради тоа што во целост отсуствуваат објективните критериуми на компетентност, искуство, програма и цели. Имено, самиот Абази потврди дека немал никаква програма, а за позицијата се „изборил“ по пат на комуникација со неговите колеги. Биографијата на Абази на судскиот портал е скромна и содржи само 35 пресуди и судски одлуки, а во неговата 10 и пол годишна кариера нема речиси никакво искуство со гонење на организирал криминал и корупција. Понатаму, иако новиот шеф на ОЈО ГОКК категорично негираше било каква поврзаност или контакт со некој од ДУИ, во јавноста протекоа фотографии на кои Абази може да се види со Фихри Ахмети (брат на Али Ахмети) и Невзат Бејта (експратеник и ексградоначалник од ДУИ), се вели во соопштението од „Левица“. Со освоени 66 гласа, Ислам Абази на 7 ноември оваа година беше избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. По изборот за јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, прашан дали е точно дека е во блиски релации со ДУИ, Абази истакна дека јавнообвинителската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција или членување во политичка партија. – Никогаш не сум бил или пак сум член на некоја политичка партија. Ниту пак во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека имам одредени релации или позиции со одредена политичка партија, изјави Абази, посочувајќи дека нема лични контакти со Али Ахмети или некој друг од ДУИ. Новоизбраниот Основен јавен обвинител работата во ова јавно обвинителство ја гледа како предизвик, но сепак работата ќе ја извршува професионално и согласно законите. Како приоритет, Абази најави пополнување на празните обвинителски места и на слободните места во истражниот центар, и да се воведе дигитализација во јавното обвинителство. – Иако немав програма, јас бев во постојана комуникација со јавните обвинители и им ја изложував мојата визија, програма и проект како ќе биде и како ќе раководам со обвинителството, изјави Абази, посочувајќи има добиено гласови од сите апелациски подрачја и дека тие во него препознале човек кој ќе биде успешен. Согласно со Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава. Гласањето се спроведуваше во тек на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава. Освоените 66 гласа од колегите јавни обвинители, Абази рече дека се голема одговорност и мотив, колку што може подобро и професионално да раководи со ова, како што рече, најважно јавно обвинителство кое во својата надлежност ја има борбата против организираниот криминал и корупција. ки/аа/  

Остани поврзан