Нивото на водата во хидроакумулациите во Струмичко е минимално зголемено
- За четири месеци минимално е зголемено нивото на хидроакумулациите во Струмичко, посебно на поголемите, информира за МИA од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница „Струмичко Поле“ Струмица.
![Нивото на водата во хидроакумулациите во Струмичко е минимално зголемено](https://mia.mk/index.php/images/20250211103056_big_730x400_83.webp )
Струмица, 11 февруари 2025 (МИА) - За четири месеци минимално е зголемено нивото на хидроакумулациите во Струмичко, посебно на поголемите, информира за МИA од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница „Струмичко Поле“ Струмица.
Во најголемата акумулација „Турија“, од која со вода за пиење се снабдуваат општините Струмица и Василево, до денеска се собрани 12.202.000 метри кубни вода од вкупно 50 милиони, односно од октомври лани нивото е зголемено за повеќе од половина милион кубни метри вода. Во „Водоча“ денеска се измерени 8.651.000 кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода.
Од„Струмичко поле“ очекуваат помалите акумулации Новоселка, Иловица и Маркова река да се наполнат, а единствено најмалата акумулација Чаушица засега прелева.
Според анализите, сегашното ниво на акумулациите е незадоволително и доколку продолжи сушниот период, тогаш сегашните количини на вода ќе се чуват за вода за пиење и дел за наводнување од браната Водоча.
Од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница „Струмичко Поле“ Струмица апелираат до потрошувачите рационално да ја трошат водата.
Од акумулацијата „Турија“ градот Струмица троши меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно, а за наводнување се користат 18 милиони кубни метри вода, додека од браната „Водоча“ се трошат околу 6 милиони кубни метри вода за наводнување. рт/мд/
Фото: МИА архива