• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху повика Кнесетот да усвои закон кој дозволува затворање на странски медиуми

Нетанјаху повика Кнесетот да усвои закон кој дозволува затворање на странски медиуми

Тел Авив, 1 април 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го повика Кнесетот на вечерашната седница да го усвои таканаречениот закон „Ал Џезира“, со кој неговата влада ќе добие овластување да затвора странски медиуми.

Во соопштението на партијата Ликуд на Нетанјаху, се наведува дека премиерот разговарал со шефот на партиската пратеничка група Офир Кац и побарал од него да обезбеди усвојување на овој закон во Парламентот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху му ветил дека по усвојувањето на законот „веднаш ќе реагира и ќе нареди затворање на Ал Џезира“. Доколку биде усвоен, законот ќе им даде на израелскиот премиер и министерот за комуникации овластување да наредат затворање на странските медиумски мрежи кои работат во Израел и конфискација на нивната опрема доколку се утврди дека претставуваат „опасност за државната безбедност“.

Предлог-законот во февруари годинава го помина првото читање на пленарната седница на Кнесетот, а по продолжена расправа во собраниската Комисија за национална безбедност беше одобрен за второ и трето читање. Нетанјаху моментално е во болница, откако синоќа му беше оперирана хернија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан