• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху побрзал со мемоарите бидејќи се плашел од коронавирусот

Нетанјаху побрзал со мемоарите бидејќи се плашел од коронавирусот
Ерусалим, 6 септември 2022 (МИА) - Лидерот на израелската опозиција Бенјамин Нетанјаху откри дека брзал да ги заврши своите мемоари, плашејќи се оти може да почине од Ковид-19 пред да бидат завршени. - Ги напишав бргу за време на пандемијата на коронавирусот. Се претпоставува дека јас спаѓам во ранлива група, мислев можно е да не доживеам да ја довршам книгата, така што вреди да се пишува побрзо, појасни 72-годишниот Нетанјаху на видео каде зборува за својата книга „Биби: Мојата приказна“. Поранешниот израелски премиер призна дека не би имал време да пишува мемоари, што ги заврши за девет месеци, да останеше на својата функција. - Да се биде водач на опозиција е далеку полесно, со многу повеќе слободно време, отколку да се биде премиер. Никогаш не напишав ниту една книга додека бев на власт. Тоа е невозможно, рече Нетанјаху. Тој беше на функцијата премиер најдолго во историјата на Израел, 12 последователни години, 15 вкупно. Нетанјаху напиша книги за борбата против тероризмот, историјата на ционизмот, а една му посвети на својот постар брат Јонатан, единствениот израелски војник убиен во мисија за спасување заложници во Ентебе во 1976 година. Со новата книга, тој сака да ги „инспирира читателите“ и тие кои тежнеат кон „смислен“ живот. „Роден сум година дена по основањето на еврејската држава, го посветив својот живот на борбата против силите што тежнеат кон нејзино уништување и склучив мир со оние кои не го сакаат тоа“, наведе Нетанјаху во соопштение објавено од издавачот „Трешхолд едишнс“, оддел Симон и Шустер, пренесуваат израелски медиуми. Некогашниот израелски лидер појасни дека станува збор за приказна за „трагедија и триумф, препреки и успеси, научени лекции и најблиските“. Како што информираше издавачот, меѓу другото, Нетанјаху пишувал и за преговори со претседатели на САД за да ја обезбеди иднината на својата земја. Тој беше премиер до 2021 година, поддржуван и осудуван за цврстиот став кон Палестинците. Сега е во центар на политичката криза во Израел, додека му се суди за корупција. Во Израел на 1 ноември ќе се одржат петти избори за помалку од четири години. Книгата на Нетанјаху ќе биде објавена на хебрејски и англиски јазик три недели по гласањето. бд/јт/

Остани поврзан