• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху најави продолжување на спорната судска реформа

Нетанјаху најави продолжување на спорната судска реформа

Ерусалим, 18 јуни 2023 (МИА) – Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху на денешната владина седница најави дека ќе продолжи со спорниот план за реформи во правосудството.

Планот на Владата на Нетанјаху за реформи на судството предизвика една од најголемите внатрешни кризи на Израел. Преговорите со опозицијата почнаа на крајот од март, но беа прекинати минатата недела поради несогласување околу изборот на членови на Одборот за именување судии.

Лидерите на опозицијата најавија дека преговорите се замрзнати до формирањето на Одборот, кој меѓу другото го одобрува составот на Врховниот суд. По традиција, и владејачката коалиција и опозицијата беа претставени во одбор со девет членови.

Одлуката да се продолжи со планот најверојатно ќе ги зголеми тензиите и ќе ги поттикне протестите, што се одржуваат секоја сабота и покрај прекинот на преговорите.

Лидерот на израелската опозиција, поранешниот премиер на Израел Јаир Лапид изјави дека едностраното спроведување на планот ќе и наштети на економијата, ќе ја загрози безбедноста и ќе го подели израелскиот народ.

Водечките економски, правни и поранешни претставници на одбраната предупредија на страшни последици за иднината на земјата. Дури и главниот меѓународен сојузник на Израел, САД, изрази загриженост.

Владата тврди дека реформата е неопходна за да се врати моќта на избраните функционери и да се одземат ингеренции од Врховниот суд, за кој тврди дека е интервенционистички.

Противниците на планот предупредуваат дека реформата ќе го поткопа чувствителниот систем на контрола и рамнотежи на власта и ќе ја турне земјата во авторитаризам. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан