• среда, 26 март 2025

Несовесни оштетуваат каналска мрежа за наводнување и фрлаат гранки во Тиквешко

Несовесни оштетуваат каналска мрежа за наводнување и фрлаат гранки во Тиквешко

Кавадарци, 25 март 2025 (МИА) - Несовесни лица оштетуваат каналска мрежа за наводнување и фрлаат гранки во каналот во Тиквешко, со што предизвикуваат штети и проблеми за вработените во водостопанското претпријатие, а со тоа индиректно ги оштетуваат и земјоделците кои наводнуваат од хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш". 

Ова денеска го изјави за МИА, Атанас Ризов, директор на подружницата ,,Тиквеш", на АД Водостопанство. 

-Бележиме кражби како на државен имот, дел од системот за наводнување, така и кај приватни лица водокорисници, на кои им крадат делови од личниот имот за полевање на земјоделските култури. Токму деновиве имавме таква кражба на решетки на главните линии за наводнување, што имаат за цел да го собираат отпадот да не влегува во каналот за наводнување. Случајот ќе го пријавиме и во полиција, рече Ризов.

Тој потсети дека мината наводнувачка сезона, но и сега, се соочувале и со проблем, несовесни да сечат дрвја и гранките да ги фрлаат во каналската мрежа. 

- Ние ги исчистивме сите канали во пресрет на наводнувачката сезона која започнува на 15 април. Доколку се фрла отпад во каналите, ќе се сопира водата и таа ќе нема можност да дојде до потрошувачите, а постои и опасност од кинење на каналите и поголеми штети, подвлече Ризов. свд/сст/


Фото : Водостопанство ,, Тиквеш "

Остани поврзан