• понеделник, 23 декември 2024

Ненси Пелоси ги заврши мемоарите, ќе бидат објавени на 6 август

Ненси Пелоси ги заврши мемоарите, ќе бидат објавени на 6 август

Њујорк,18 април 2024 (МИА) - Поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, ги заврши своите мемоари за годините во јавниот живот, насловени „Уметноста на моќта“, а книгата ќе биде објавена на 6 август, соопшти денеска издавачката куќа „Сајмон и Шустер“.

Се наведува дека во мемоарите Пелоси се осврнува и на 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на Доналд Трамп го нападнаа Капитол додека Конгресот гласаше за потврдување на победата на Џо Бајден над Трамп на претседателските избори.

Пелоси зборува и за ноќта во 2022 година кога маж упаднал во нејзиниот дом и го нападнал сопругот Пол Пелоси со чекан додека била во Вашингтон.

Пелоси (84), која беше првата жена на функцијата претседател на Претставничкиот дом, рече дека во своите мемоари открива како ја извршувала таа функција. Таа првпат беше избрана во Претставничкиот дом во 1986 година, стана лидер на малцинството во 2003 година, а спикер четири години подоцна, кога демократите станаа мнозинска партија во Претставничкиот дом.

Таа беше претседател на Претставничкиот дом од 2007 до 2011 година и повторно од 2019 до 2023 година. Пелоси се повлече од функцијата откако републиканците повторно го презедоа мнозинството на изборите во 2022 година, но продолжи да ја претставува 11-тата област во Калифорнија.

Нејзината претходна книга „Знај ја својата моќ: Порака до американските ќерки“ беше објавена во 2008 година. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан