• сабота, 23 ноември 2024

Неколку земји од ОПЕК + го продолжуваат намалувањето на производството на нафта за уште три месеци

Неколку земји од ОПЕК + го продолжуваат намалувањето на производството на нафта за уште три месеци

Ријад/Москва, 3 март 2024 (МИА) - Неколку земји од ОПЕК+ објавија дека за три месеци го продолжуваат намалувањето на производството на нафта за да го стимулираат пазарот, пренесоа светските агенции.

Ријад и Москва, столбовите на оваа нафтена алијанса на земјите извознички на нафта, соопштија денеска дека тие и другите членки продолжуваат со доброволното намалување до средината на годината за да ги поддржат пазарните стапки кои се поткопани од економската несигурност.

Саудиска Арабија ќе продолжи до јуни да го намалува производството за еден милион барели нафта дневно, а Русија, исто така, ќе биде со намален обем на експлоатација за 471.000 барели нафта дневно.

Француските медиуми пренесуваат дека двете земји овие мерки ќе ги додадат на намалувањето од 500.000 барели дневно, што почна од април минатата година и ќе трае до крајот на оваа година.

Ријад се потпира на високата цена на нафтата за да го финансира својот голем проект за економска диверзификација, чија цел е да ја одвикне земјата од нејзината зависност од извозот на сурова нафта.

За Москва, пак, која е под западни санкции, високата цена на нафтата е од суштинско значење за финансирање на нејзината воена офанзива во Украина. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан