• вторник, 24 декември 2024

Незапаметен интерес за настаните од „Бела ноќ“, 150-метарска колона за влез во Даутпашиниот амам

Незапаметен интерес за настаните од „Бела ноќ“, 150-метарска колона за влез во Даутпашиниот амам
Манифестација „Бела ноќ“ која се одржа во саботата на повеќе локации низ Скопје ги наполни културните јадра со посетители. Скопјани и посетителите имаа можност да уживаат во изложби, проекции, поетски читања, перформанси, работилници ... Централната манифестација поради лошите временски услови се одложи за во вторник (4.10.2022) од 19:30 на плоштадот „Филип Втори“. Скопје и скопјани ќе уживаат во насловните нумери од филмовите на легендарниот Џејмс Бонд во изведба на Камерниот оркестар на Битола, покрај тоа ќе можат да гледаат детска театарска претстава, музички концерт на Мијата, a за крај да се журкаат на настапот на диџеј Дабнотик. Во Даут-пашиниот амам, каде беше поставена изложбата на Димитар Кондовски можеше да се забележи 150-метарска колона. Во Кинотека се одржа фестивалот „Десонанз“ кој ја преполни кинотеката. Во сутеренот на ГТЦ „Сообраќаен инсектариум - ПајакАрт“ - групна изложба на 13 домашни автори од различни ликовни изрази предизвика одлични реакции кај публиката. Во МКЦ се одржа „Скопје винил конвеншн“ и перформанс на Франк Масон, менталист и психички забавувач од Нирнберг, Германија. Детскиот културен центар „Карпош“ заедно со Зоолошка градина ги анимираше најмладите со „ЗОО Азбука“. Библиотеката „Браќа Миладиновци“ организираше креативни работилници за деца, поетско читање, клуб на читатели и музичка програма. Во Музејот на современа уметност можеше да се види ретроспективната изложба на Симон Узуновски „Пат за Волкодери“ и самостојната изложба на Јана Јакимовска „Ретро:телесни ретроспективи“. Во спомен-куќата на Мајка Тереза можеше да се види постојаната изложба и изложбата „Мисионерка на милосрдието – Спомените за Мајка Тереза во Државниот архив“. Во Музејот на македонската борба можеше да се види изложбата „Скопје со културните добра“, а во Музејот на Република Северна Македонија постојаната етнолошка поставка, постојаната историска поставка – „Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940- 1949“ и времената изложба – „Гозби за живите и предците, боговите и светците“.   _____________________________________________   MИА - ОТС Комерцијални соопштенија   Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот

Остани поврзан