• сабота, 23 ноември 2024

Незадоволителен интересот за ХПВ вакцина во Куманово

Незадоволителен интересот за ХПВ вакцина во Куманово

Куманово, 9 ноември 2024 (МИА) - Незадоволителен е интересот за примање на ХПВ вакцината кај децата од Куманово, соопштија денеска надлежните од Здравствен дом Куманово. Лекарите велат дека од мај годинава, деветвалентната вакцина против ХПВ е достапна за сите и за девојчињата и за момчињата.

-Според календарот за имунизација се дава кај дечиња во седмо одделение односно со навршени 12 години. ХПВ вакцината штити од хуман папилома вирус и инфекциите коишто ги предизвикува. ХПВ е причина за карциномот на грло на матка. Со вакцината опфатени се децата во седмо одделение и девојчињата и машките, изјави д-р Валентина Богоевска Димитриевска, началник на детски диспанзер Здравствен дом Куманово.

Од детскиот диспанзер велат дека позитивно се изненадени од одѕивот на момчињата, за разлика од девојчињата на возраст од 12 до 19 години. Оттаму додаваат дека сè уште, одредени родители поради антивакциналниот наратив на социјалните мрежи не дозволуваат нивните деца да се вакцинираат.

-Заинтересираност за ХПВ вакцина во основните училишта не задоволува кај нас во Куманово. Можам да искажам изненадување за ова што се случува со машките дечиња, девојчињата поретко доаѓаат да се вакцинираат. Не знам што е причината, дали непознавањето на доброто што го носи оваа вакцина, заштитата од ХПВ, што голем број студии кажуваат дека оваа вакцина навистина е корисна и ги спречува овие инфекции. Кај некои се шири дезинформација дека после примање на ХПВ се јавува стерилитет, тоа е контрадикторност. Стерилитет почесто се јавува кај некои кои веќе имаат повеќекратни ХПВ инфекции, отколку кај овие што редовно ќе си ја примат, изјави д-р Богоевска Димитриевска.

ХПВ вакцината се прима во две дози. Целта за вакцинирањето е девојчињата да се заштитат од карцином на грлото на матката, а кај момчињата, да се спречи да ја пренесуваат инфекцијата и да бидат заштитени. Инаку, според податоците околу 150 жени годишно се разболуваат од карцином на грло на матка.

-Во некои држави каде што редовно се вакцинираат и е постигнат процентот на имунизација како Австралија, Белгија, тука веќе ќе може да дојде и до искоренување на карцином на грлото на матка, вели д-р Богоевска.

ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита, вакцина штити од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии. Во однос на заштитата веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од примената од повеќе од десет години на оваа деветвалентната вакцина во западно-европските држави. ам/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан