• понеделник, 23 декември 2024

Независниот академски синдикат на третиот редовен конгрес избра ново раководство

Независниот академски синдикат на третиот редовен конгрес избра ново раководство

Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) - На Факултетот за драмски уметности денеска се одржа третиот редовен Конгрес на Независниот академски синдикат, на кој се избра новото раководство на синдикатот. За претседател на синдикатот е избран проф. д-р Драгор Заревски, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

На конгресот беа избрани и новите членови на Советот, Надзорниот одбор и Статутарната комисија на НАкС.

Конгресот го отвори проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет во Скопје.

Како што соопштија од Независниот академски синдикат, со поздравни обраќања се обратија проф. д-р Тоше Арсов од Синдикатот на образованието и науката (СОНК) и од проф. д-р Шефкет Дехари од Синдикатот на вработените на Универзитетот во Тетово, кои ја потенцираа соработката со НАкС и потребата од зголемено синдикално организирање како предуслов за унапредување на состојбите во образованието и науката, како и овозможување подобра заштита на правата на вработените.

На конгресот се презентираше извештајот за работата на синдикатот за периодот 2020-2024 година.

Меѓу најзначајните резултати на работата на синдикатот во минатиот период е потпишувањето на Колективниот договор за високо образование и наука во соработка со СОНК, кога за прв пат со колективен договор се регулираа правата и обврските на вработените во високото образование и науката.

-Покрај тоа, синдикатот се фокусираше на спроведување на проекти и истражувања кои ги анализираа квалитетот на високото образование, влијанието на академската заедница во јавноста, како и финансирањето на високото образование и науката. Во фокус на идните активности на НАкС ќе бидат заштитата на социо-економската положба на вработените, зачувување и унапредување на универзитетската автономија, заштитата на правата на вработените, зголемување на членството и капацитетите на синдикатот, како и поттикнување на соработката со партнери од државата и странство, соопштија од Независниот академски синдикат.

Независниот академски синдикат е формиран на 29 октомври 2016 година, кога за прв претседател беше избрана проф. м-р Маја Стевановиќ, а во 2020 година, за претседател беше избрана проф. д-р Елена Џукеска. бт/нд/

Фото: НАС

 

Остани поврзан