Независната сцена не се „бори“ против „мејнстрим“ културата, секогаш има публика што тежнее кон подлабоко и посуптилно естетско искуство
- кога ќе се прашаме „што нуди андерграундот денес“, одговорот мора да биде чесен: нуди фрагменти, односно некакви мали острови на интегритет. Сепак, за да зборуваме за музичка сцена, без разлика дали е тоа независна или поп сцена, мора да постојат артисти кои не се бројат само на една рака, артисти кои создаваат во моментот, кои меѓусебно се врзани, се предизвикуваат, провоцираат, колаборираат, кои се современици и одбележуваат одредено време, вели Салпе.
Скопје, 23 ноември 2025 (МИА) - Независната сцена не е конфликтна по природа и не се „бори“ против „мејнстрим“ културата, имаме креативен потенцијал што често ги надминува ресурсите со кои располагаме. За жал, сe уште, немаме изградено структура која може да ги однесе авторите подалеку од ентузијазам. Музичарите мора да си дозволат да еволуираат и храбро да навлегуваат во непознат терен без разлика со кој жанр работат, колку и да е потребно време за слушателот да „свари“ нешто ново - токму тој ризик е неопходен ако сакаме да се движиме напред. Македонскиот андерграунд денес нуди фрагменти - некакви мали острови на интегритет.
Вака, сублимирани во неколку реченици, „звучат“ размислувањата на двајцата уметници кои стојат зад проектот „Поетроника“ - младиот Андреја Салпе и „повозрасниот“ Оливер Митковски, едниот новинар, диџеј и продуцент, другиот актер, дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.
Каква е денес македонската андерграунд сцена? Што нуди? Има ли доволно простор да се „промовира“ и колку е „гласна“?, Ако Архангел, Мизар, Тотално опуштање, Last Expedition, No Name Nation, Рок агресори, Бомбашки процес, Т.Б. Трачери, Културно уметнички работници, Санаториум, The John, Anastasia,... се уште се синоним за „квалитетна музика“ (што, секако, е релативно), можеме ли да ја продолжиме низата? Каде сме во споредба со регионот? Каде е границата меѓу естетиката и кичот? Колку е важно да се следат современите жанрови, но и да се негува традицијата во музичка смисла? Неопходно ли е денес, во време на масовна продукција, да се вметнува и по некој етно-мотив за да се привлече што поголем аудиториум?

-Мојот впечаток е дека глобално се наоѓаме во чуден пост-индустриски период во кој јасно се разликува она што е производ на самата индустрија и она што произлегло или произлегува од сопствениот искрен порив да се твори и создава. Мислам дека е поминато времето кога индустријата создавала музички икони и кралеви на рокенролот или кој било друг жанр. Доколку го сведеме разговорот конкретно за нашите простори, може да се каже дека била присутна истата атмосфера, како што впрочем и денес делумно влијае тоа каква е музичката атмосфера надвор. Но, ако на ова додадете дека Македонецот низ годините како упорно да одбива да се еманципира, да научи да слуша, гледа и препознава, ќе добиете едно општество во кое „андерграунд“ сцена или независна сцена претставува нешто непознато и туѓо. Инаку, не сум сигурен околу поимањето на „андерграунд сцена“, посоодветно би било да се дефинира како независна сцена, која, би рекол, не е конфликтна по природа и не се „бори“ против „мејнстрим“ културата, бидејќи сметам дека таквата „борба“ низ годините има придонесено да се мобилизираат оние кои се чувствуваат инфериорно покрај она што е искрено, вредно и стои „рамо до рамо“ со моменталните светски текови. Оттука, на таква почва не се развива филтер за препознавање квалитет, ниту се гради референтна точка за тоа што значи културен идентитет. За жал, асоцијацијата за нашиот културен идентитет е само со нешто старо, дел од нашата историја. Сметам дека најсуштинскиот приказ за нашиот културен идентитет е живата култура, која, патем, никако да стане институционално препознаена. Па така, кога ќе се прашаме „што нуди андерграундот денес“, одговорот мора да биде искрен: нуди фрагменти, односно некакви мали острови на интегритет. Сепак, за да зборуваме за музичка сцена, без разлика дали е тоа независна или поп сцена, мора да постојат артисти кои не се бројат само на една рака, артисти кои создаваат во моментот, кои меѓусебно се врзани, се предизвикуваат, провоцираат, колаборираат, кои се современици и одбележуваат одредено време, вели Салпе.
Тој е согласен дека „за вкусови не се разговара“, но, како што додава - за стандарди мора да се разговара.
-Во антологиската низа што ја спомнувате, Архангел, Мизар, Тотално опуштање, Last Expedition, No Name Nation, Рок агресори,..., според мене, недостигаат уште пет-шест бендови кои навистина го создадоа чувството дека човек живее во „град“. Но, проблемот е подлабок, како и во многу други сфери, малкумина од тие што го трасирале патот навистина одговориле на висината на задачата, тоа е да создаваат нова музика, да ризикуваат, да отворат простор за следните генерации. Се покажува дека токму одржувањето континуитет и градењето работна етика се најголемиот предизвик за уметниците на ова поднебје. Да бидеме искрени, не секој што уживал или ужива некаква улога навистина ја одработил таа позиција, колку што повеќе научил да се носи со тоа како го перцепираат другите. А токму таа удобност и самодоволен комфор го водат уметникот кон непродуктивност или, што е еднакво лошо, кон стерилност. Имам впечаток дека се романтизира сѐ што е дел од некое друго време и луѓето, генерално, се носталгични за некое време и сцена, која, патем, ја пропуштиле додека се случувала, смета Салпе.

Негов став е дека Македонија отсекогаш била мал пазар со големи амбиции и уште поголема чувствителност.
-Ако зборуваме искрено, Македонија отсекогаш била мал пазар со големи амбиции и уште поголема чувствителност. Во споредба со регионот, ние сме на едно чудно место, имаме креативен потенцијал што често ги надминува самите ресурси со кои располагаме, во одреден период од минатото можеби и со водечка културна програма и домашни артисти. Останатите регионални центри, имам впечаток дека одамна имаат развиено далеку постабилен и одржлив систем, односно клубови што работат континуирано, медиуми што активно следат алтернативни сцени, па и продукциски куќи и фестивали на кои може да се сретнат водечки светски артисти кои работат во моментот. Ние повторно сведочиме само за некакви проблесоци, исклучително талентирани автори кои работат за да го затворат кругот и да заврти тркалото, но сѐ уште, за жал, немаме изградено таква структура која може да ги однесе авторите подалеку од ентузијазам, нагласува Салпе.
Тој е дециден дека музичарите мора да си дозволат да еволуираат и храбро да навлегуваат во непознат терен, без разлика со кој жанр работат.
-Според мене, тоа е единствениот вистински пат кон напредок, и личен и колективен. Добро е почесто да се излегува од сигурната зона, бидејќи многу често гледаме репродукција на истиот проверен модел, иста формула, иста песна само во друга обвивка. Колку и да е потребно време за слушателот да „свари“ нешто ново, токму тој ризик е неопходен ако сакаме да се движиме напред. Кога станува збор за вметнување етно-мотиви во современи жанрови, границата помеѓу кич и генијалност е навистина тенка. Постојат мајстори кои тоа го прават извонредно, со вистинска мера и луцидност во пристапот. Сметам дека ваквите чекори треба да се прават свесно, со длабоко разбирање и почит кон материјалот. Се останато води кон „турбо-фолк“ во поширока смисла, истакнува помладиот член на „Поетроника“.

Митковски смета дека секогаш постои публика што тежнее кон подлабоко и посуптилно естетско искуство, но доминантната бројност на просечниот вкус често, како што вели, го моделира општото јавно мислење.
-Се сеќавам дека на почетокот на деведесеттите, кога во Скопје се развиваше импресивна електронска сцена, мнозинството ја негираше и ја дефинираше како „музика без душа“. Иако големиот технолошки напредок го рашири спектарот на можности за музичка креација, фасцинантна е ригидноста и игнорантноста на мнозинството, особено кај нас, кое и по толку многу години не е способно да направи никаква жанровска разлика во она што се нарекува електронска музика и се уште ја нарекува едноставно - „техно“. За среќа, таа медиокритетска инертност отсекогаш била поттик, а не пречка, за откривање нови музички хоризонти, потенцира Митковски.
Осврнувајќи се на „Поетроника“, објаснува дека е обликувана преку експериментални постапки, често преку користење техники кои ни тој, ни Салпе претходно не ги познавале.
-Таа претставува суптилен спој на стихови вткаени во различни музички слоеви кои преферираат несовршеност и автентично емоционално разголување, но никогаш егзибиционистички нудизам со цел да се допадне или да биде пошироко прифатена. Самиот „клеш“ на модерниот пулс на електронската музика со поетската фрагилност на човековото битие и неговата исконска потреба од одговори, мислам дека создава не само нови музички парадигми, туку и поширока генерациска резонанца што ја редефинира поезијата со сјај на нова свежина, напоменува Митковски.
На прашањето како врз целиот „поетроника - процес“ се одразува генерациската разлика меѓу него и Салпе, колку и како двајцата се разбираат, Митковски одговара дека низ соработката „јазот“ станал потполно ирелевантен.

-Нашето интензивно дружење природно доведе до интроспективен процес во кој испливаа повеќе заеднички карактеристики. Имаме многу слична опсервација кон светот што го живееме и свесност за релативноста на нештата што ослободува, охрабрува и турка кон истражување на крајните граници на сопствениот ментален и креативен капацитет. Таа релативност повикува на редефинирање на реалноста и вредностите, создавајќи силна потреба за експериментирање преку уметност. Инаку, невообичаената зрелост на Салпе, неговата техничка прецизност и музичка креативност, заедно со мојата флексибилност да пренесам корисни техники научени во сферата на драмската уметност, резултираа со фино обликувана синтеза, а генерациската разлика стана потполно ирелевантна, подвлекува Митковски.
И Салпе и Митковски се согласни дека во Македонија речиси нема медиуми кои активно ја следат независната сцена, со исклучок на можеби, како што велат, неколку интернет портали.
Мирјана Чакарова
Фото: Фросина Насковиќ и ФБ на Андреја Салпе