• среда, 27 ноември 2024

Недела на романски филм во Кинотека

Недела на романски филм во Кинотека

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Во Кинотеката од денеска до 18 октомври ќе се одржи „Недела на романски филм“, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филмови. Вечерва ќе се прикажува филмот „Дете од војна“, во режија на Мариан Кришан.

Улогите во филмот ги играат Даниел Балис, Реџиналд Амонс и Едуард Адам. Мариан Кришан е романски синеаст познат по филмовите „Морген“ (2010), „Рокер“ (2012), „Хоризонт“ (2015) и „Кампања“ (2020). „Дете од војна“ е нетипична мешавина од жанрови како историски и воен филм, вестерн, но и детска авантура.

Утре ќе се одржи проекција на филмот „Меѓу револуциите“, во режија на Влад Петри, а во улога на Илинка Харнут и Викториа Стоичиу. Во среда ќе биде прикажан филмот „Мамалија“, во режија на Себастијан Михаилеску. Улогите ги толкуваат Иштван Теглаш, Малина Мановиќи и Дениса Николае.

Филмот е снимен на 16 милиметарска филмска лента од Барбу Балашоу, со статични кадри и многу мизансценски движења во кадарот, а користењето на просторот е секогаш многу експресивно. Само неколку од главните ликови се играат од професионални актери. Сите останати се натуршчици и допринесуваат на натурализмот на екпресивноста на филмот. Некои критичари хуморот на Михаилеску го споредуваат со тој на Рој Андерсон но и со оној на Ежен Јонеско и Театарот на апсурдот.

Во четврток, 17 октомври, ќе се прикажува филмот „Арсение. Неверојатниот задгробен живот“, во режија на Александру Соломон, а во петок, 18 октомври, ќе се одржи проекција на филмот „Не очекувај многу  од крајот на светот“, во режија на Раду Јуде.

-Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со таканаречениот „нов романски бран“ како водечко движење кое внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови кои се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите како Кристи Пују, Кристиан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови, соопштија од Кинотеката.

Циклусот на романски филмови за 2024 година во Кинотека на Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ја нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми. Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена.

Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотека. бт/дма/

Фото: плакат

Остани поврзан