• сабота, 23 ноември 2024

Недела на планетата Земја: Потребни се мерки за обнова на заштитените подрачја по Ковид-19

Недела на планетата Земја: Потребни се мерки за обнова на заштитените подрачја по Ковид-19
Скопје, 20 април 2021 (МИА) - „Пост-ковид обнова во заштитените подрачја" беше една од темите на кои се дискутираше во пресрет на одбележувањето на Денот на планетата Земја - 22 април на онлајн настанот посветен на изнаоѓање решенија и насоки за надминување на бројните предизвици кои произлегоа од пандемијата, организиран од Светскиот фонд за природа (ВВФ) и Министерството за животна средина и просторно планирање. - Едно од позабележителните влијанија секако се економските последици како резултат на ограничувањето на туристичките активности во заштитените подрачја. Ваквите ефекти најмногу ги погодија заштитените подрачја кои првенствено се ориентирани кон приходите од туризмот. Рестриктивните мерки се менуваа со текот на времето, така што ефектите на пандемијата врз заштитените подрачја се променија, што многу често ја прави целата ситуација уште посериозна и комплексна за управителите, се вели во извештајот на „Паркови Динариди" за состојбата со Ковид и заштитените подрачја, што го презентираше Јелена Маројевиќ. Загубите од туризмот во заштитените подрачја имаат негативно влијание врз локалните заедници кои живеат во туристичкиот сектор. Постои вистински страв дека поради неповолните туристички и економски трендови, тие можат да се свртат кон неодржливо користење на други природни ресурси во заштитените подрачја. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека кога станува збор за управување и зачувување на заштитените подрачја, претпоставките се дека сегашната пандемија и нејзините последици можат да ги поткопаат децениските напори за зачувување на природата и воспоставање ефективен систем на заштита и управување. - Особено во период кога бележиме големи успеси во прогласувањето на нови подрачја, ризиците од пандемијата можат да бидат уште посериозни. Затоа е потребна заедничка и синхронизирана акција за заштита и унапредување на природното наследство во комбинација со ефективна поддршка на управителите на нашите заштитени подрачја, изјави Нуредини. На виртуелната работилница свои презентации имаа и претставниците од македонските национални паркови. Тие подеднакво се сложија дека финансиската поддршка за управувањето со националните паркови недостасува, но е од огромно значење за успешното функционирање и заштита на подрачјата, при што упатија апел до државните институции за отпочнување со државно финансирање на заштитените подрачја. Заклучокот е дека на заштитените подрачја мора да им се пружи потребната помош и поддршка. Како за бизнисите, така и за јавните установи, финансиска поддршка во време на пандемија е од есенцијално значење за продолжување на функционирањето на националните паркови и другите заштитени подрачја. свс/сп/

Остани поврзан