• вторник, 24 декември 2024

Неделата на франкофонски филм ја отвора романскиот „Радио Метроном“

Неделата на франкофонски филм ја отвора романскиот „Радио Метроном“

Скопје, 23 март 2023 (МИА) - Со прикажувањето на романскиот филм „Радио Метроном“ (2022), на режисерот Александру Белк, вечер во Кинотеката на Северна Македонија, во рамките на месецот на Франкофонијата, почнува Неделата на франкофонски филм. 

Манифестацијата е во организација на амбасадите на Франција, Романија, Швајцарија, Белгија и  Луксембург, како и на Францускиот институт во Скопје, Романскиот културен институт и Валони-Брисел Интернационал и Кинотеката. 

Неделата на франкофонски филм свечено ќе ја отвори Моника Аксинте, амбасадорка на Романија.

Според најавата од Францускиот институт во Скопје, заклучно со вторник, ќе бидат прикажани пет филма. Утре на програмата е швајцарскиот филм „Последниот танц“ на Делфин Лерисе (2022), со Франсоа Берлеан и Касеј Моте Клајн.

В сабота на програмата е белгискиот филм „Последното искушение на Белгијците“ на Жак Бикоа (2021), со Алис Дитоа, Вим Вилер и Алекс Визорек.

Во понеделник ќе биде прикажан францускиот документарен филм „Деца на татковината“ на Тјери Демезјер и Албан Терле (2022), со Елса ле Петрек, Тјери Демезјер.

Манифестацијата ќе биде затворена во вторник, 28 март, со луксембуршкиот анимиран филм „Неверојатната приказна на Фрици“ на Раиф Кукула и Матијас Брин.

Проекциите ќе се одржуваат во Кинотеката, со почеток во 20 часот, а сите филмови се со превод на македонски јазик.

Повеќе инфиормации за секој од филмовите има на линкот: https://bit.ly/40f7B0j . вг/хс/

 

Фото: Француски институт - Скопје

Остани поврзан