• недела, 21 јули 2024

Недановски: Максимално фокусирани влегуваме на реваншот против Војводина

Недановски: Максимално фокусирани влегуваме на реваншот против Војводина

Скопје, 10 април 2023 (МИА) – Ракометарите на Вардар 1961 попладнево отпатуваа за Нови Сад каде утре го играат реванш четвртфиналниот натпревар во СЕХА лигата против Војводина, која на првиот натпревар во Скопје ја совладаа со 38-25.

Тренерот на македонскиот ракометен шампион Владо Недановски истакна дека и покрај високата предност неговите играчи максимално фокусирани ќе влезат во дуелот со српскиот првак.

-Немаме многу време за одмор бидејќи сега имаме набиен распоред на натпревари. Вчера игравме домашно првенство, сабајлево трениравме и веднаш заминувавме за Нови Сад. Имаме голема предност од првиот натпревар, но без разлика на тоа ќе бидеме максимално фокусирани на натпреварот со Војводина, изјави Недановски за клупскиот сајт.

Вардар 1961 на реваншот во Нови Сад отпатува без неколку стандардни играчи.

-Тие (Војводина) во Скопје играа со комбиниран тим, но не знаеме како ќе биде сега. На секој натпревар одиме со мисла да победиме. Во Нови Сад ќе бидеме без Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Дарко Ѓукиќ. Нема што многу да менуваме во играта, треба само да го наметнеме нашето темпо. Секако дека шанса ќе добијат сите да играат, додаде стратегот на Вардар 1961. ег/дма/

ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан