• среда, 25 декември 2024

Неготинец со изум за препознавање на еднофазни корисници на струја во Електродистрибуција на Словенија

Неготинец со изум за препознавање на еднофазни  корисници на струја во Електродистрибуција на Словенија

Неготино, 20 октомври 2023 (МИА) - Неготинецот Сретен Давидов деновиве регистрирал изум за препознавање на еднофазно поврзани корисници на струја во Електродистрибуција на Словенија. Како што самиот појасни за МИА, патентот бил заштитен во словенечкото Министерство за интелектуална сопственост. 

 - Всушност, јас сум изумител, а покровителството е на Службата за технолошки развој при Електродистрибуција во Љубљана. Станува збор за иновативен и нов начин, изум за идентификација на еднофазни потрошувачи, главно во згради или повеќе домаќинства на едно место. Народски кажано, ако од сто корисници десет се еднофазни, ние како дистрибутери на струја треба да ги препознаеме и распоредиме еднофазните, за да може да не ја оптеретуваат електроенергетската мрежа. Се одредува фазна распределба и ако има несиметруја, се надминува проблемот, а се обезбедува поголем квалитет на снабдувањето со електрична енергија и поголема интеграција на обновливи извори на енергија во дистрибутивната мрежа,  додаде Давидов.

Тој појасни дека претходно, ова регулирање се вршело рачно со уред, но на тој начин се губат човечки и временски ресурси. Со изумот, нагласи, се штеди на човечки ресурси и време. 

Давидов додаде дека веќе го промовирал својот изум и сега настојува да го понуди на користење ова решение, како што вели, на сите оние што сакаат технолошки развој. 

Сретен Давидов има 34 години, доктор е на електротехнички науки и работи во Електродистрибуција на Словенија. Пред неколку години беше избран за најдобар млад научник во Македонија, а доби и општинска награда на Неготино. Активист е за здрава и чиста животна средина, постојан соработник на регионалното еколошко друштво ,,Ековита" од Неготино. свд/ сан/  

 

Фото: Сретен Давидов 

Остани поврзан