• среда, 25 декември 2024

Невработените Финци берат јагоди за време на пандемијата

Невработените Финци берат јагоди за време на пандемијата
13 Јули 2020 24 Часа.бг Илјадници Финци се одзваа на очајниот повик на земјоделците да ја спасат летната реколта на мали плодови откако странските берачи беа забранети поради ограничувања воведени во борбата против коронавирус. - После 22 години, повторно имаме фински работници на полињата со јагоди, ситуацијата е многу невообичаена, рече Веса Коивистоинен, сопственик на најголемата фарма за јагоди во Финска во јужното село Холола. За да се справи со реколтата на мали плодови, на Финска вообичаено и се потребни околу 16.000 сезонски работници годишно, „кои најмногу доаѓаат од странство“, изјави Кати Куула од земјоделскиот синдикат МТК. Само што кога на пролет беа воведени ограничувања за патувања поради коронавирусот, браншовите асоцијации и Владата се уплашија од недостиг на работна сила и објавија повеќе програми за собирање работници. Во една од најголемите кампањи на социјалните медиуми #Seasonwork (Сезонска работа), поддржана од Владата, е прикажана русокоса двојка, гордо застаната на поле со пченица, и се повикуваат „сите достапни раце да обезбедат домашна храна на финските трпезариски маси“. До сега оваа година само една третина од вообичаениот број работници пристигнале од странство, сите од Украина, а останатиот дефицит е пополнет со луѓе од Финска, информира Куула. Од 350 Финци, кои работат на фармата за јагоди на Веса Коивистоинен, повеќето се ученици и студенти на возраст меѓу 15 и 20 години, но многу други останале без работа поради коронавирусот. Сари, 52-годишна масажерка, се пријавила на повикот за работа, откако нејзиниот бизнис замрел изминатата пролет. - Јас сум ќерка на фармер и како млада работев на полиња со јагоди. Така што знаев што да очекувам, раскажува таа. Во меѓувреме, 29-годишниот Јане Ерола, кој неколку пати бил сезонски работник, но никогаш досега не берел плодови, вели дека планира да остане се додека не заврши сезоната на јагоди на крајот од август. Да се наполни една гајба од седум килограми одзема „малку повеќе од еден час“, вели Ерола кој заработува по 1,2 евро на килограм. Коивистоинен прецизира дека со оглед на тоа што Финците не можат да берат толку брзо како искусните украински работници, тој им предложил 10 проценти бонус, за да им го направи времето повредно. Напорите за наоѓање луѓе и повисоките плати ги зголемија расходите, но Коивистоинен тврди дека и во иднина со задоволство ќе ангажира локални работници. - Сакавме да имаме можност да ангажираме Финци, бидејќи оваа година многу други компании не можат да понудат работа за летото, рече тој. Сепак, не секој сака тешка физичка работа на променливото време во Финска. - Навистина, работата е физичка и е далеку од мојот дом, рече 17-годишната Лаура која потпиша договор заедно со нејзините пријатели од училиште Сени и Мухамед. Тројцата седат да се одморат покрај нивата, нивните прсти се црвени, намачкани со сок од јагоди. - Всушност, претходно летово имав понуда за работа, но потоа ми рекоа дека не можат да ме земат поради коронавирусот, додаде Мохамед. Апел за спас на боровинките Иако внатрешната работна сила и дојде на помош на реколтата на јагоди во Финска, судбината на овогодишните боровинки, задолжителен дел од финската култура на храна, изгледа далеку понесигурна. Секоја година финската индустрија, од онаа за храна до козметичката, троши по 20 милиони килограми боровинки - мала европска сорта која не се одгледува на поле, а расте во изобилие во огромните шуми во Финска. Плодовите вообичаено ги берат тајландски работници, кои доаѓаат за сезоната на берење на реколтата кон крајот на летото, но поради ограничувањата воведени поради пандемијата, годинава никому нема да му биде дозволено да дојде. Наместо тоа, социјалните медиуми во Финска се полни со објави во кои се упатува апел секој Финец на работоспособна возраст да набере една кофа боровинки“, за да ги спаси малите плодови. Некои од компаниите, кои сметаат на тие плодови, не се задоволни од одговорот на повиците на социјалните медиуми и соопштија дека годинава ќе увезат боровинки од Полска или Русија, предупредувајќи дека тоа може да доведе до повисоки цени во продавниците. јт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан