НБА: Чикаго го повлече дресот со бројот 1 во чест на Дерик Роуз
- НБА лигашот Чикаго Булс објави дека ќе го повлече дресот со број 1 во чест на Дерик Роуз.
Чикаго, 22 август 2025 (МИА) – НБА лигашот Чикаго Булс објави дека ќе го повлече дресот со број 1 во чест на Дерик Роуз.
Церемонијата е закажана за 24 јануари во „Јунајтед Центар“ кога Чикаго ќе го пречека Бостон.
Роуз е петтиот играч на Чикаго чиј дрес е повлечен, по Џери Слоун (број 4), Боб Лав (10), Мајкл Џордан (23) и Скоти Пипен (33).
Откако беше избран прв на драфтот во 2008 година, Роуз беше прогласен за најдобар почетник во следната сезона, а во сезоната 2010/2011 беше избран за најкорисен играч (МВП) во лигата на само 22 години, со што стана најмладиот МВП во историјата на НБА лигата.
Во 2011 година, Булс стигнаа до финалето на Источната конференција, во кое загубија од Мајами. За време на плејофот во 2012 година, Роуз ги скина вкрстените лигаменти на коленото и од тој момент, неговата кариера тргна надолу. Тој пропушти речиси две цели сезони пред да се пресели во Њујорк Никс во 2016 година, а до крајот на кариерата играше и за Кливленд, Минесота, Детроит и Мемфис со просек од 17,4 поени, 5,2 асистенции и 3,2 скока во 723 натпревари.
Откако Роуз го напушти Чикаго, ниту еден друг кошаркар не го облече дресот со број 1, Мајкл Картер-Вилијамс и Ентони Мороу изразија желба да го земат тој број, но се повлекоа по протестите на навивачите.ег
ФОТО: ЕПА