• среда, 25 декември 2024

На 20 и 21 октомври 38. издание на „Макфест“

На 20 и 21 октомври 38. издание на „Макфест“

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) – Триесет и осмото издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ ќе се одржи на 20 и 21 октомври во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип. Годинава ќе настапат Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Љубојна, Ламбе Алабаковски и Полина, Бојана Скендеровски, Александар Тарабунов, Симона Попоска, Марија Спасовска...

Градоначалникот на Штип Иван Јорданов на денешната прес-конференција соопшти дека општина Штип е покровител и организатор на фестивалот.

- Не сакаме да го враќаме стариот сјај на „Макфест“, туку сакаме да создадеме фестивал кој е прилагоден на новото време. Модерен фестивал кој ќе пркоси на новото време. Веќе втора година како покровители, организатори заедно со целиот тим се трудиме да создадеме вистински вредности на македонската музичка сцена и да се создадат хитови кои ќе бидат траен белег на фестивалот, нагласи Јорданов. Потенцира дека „Макфест“ не е само фестивал, туку македонски бренд и душата на македонската забавна мелодија.

Уметничкиот директор на Фестивалот „Макфест“, музичарот, композитор и изведувач Роберт Саздов информира дека на Конкурсот на фестивалот имало многу пријавени песни. Тој дека заедно со Јован Јованов, како член на Уметничкиот совет, и со поширокиот состав на Уметничкиот совет избрале одлични песни.

- Ова издание на „Макфест“ ќе понуди повеќе хитови отколку Евровизија оваа година и лани вкупно што понудија, изјави Саздов. Додаде дека сите песни се потенцијални хитови и оти зависи од изведувачите како ќе ја исполнат песната пред публиката.

Целта, како што рече, е оваа година да имаме подобар фестивал од лани и во тоа успеавме.

Владо Јаневски рече дека има долга историја со „Макфест“, работна и емотивна и потсети на својот прв настап на „Макфест“ во 1986 година, каде бил клавијатурист. Посочи на „Макфест“ и на неговото значење за градот Штип, за македонската музика и за Балканот. 

- Прашањето е што ќе биде со македонскиот јазик и со македонската музика ако го нема „Макфест“? На кој јазик ние ќе пееме, запраша Јаневски.

Ламбе Алабаковски потенцира дека „Макфест“ е столб на македонската забавна музика, од кој произлегле многу хитови.

Од лани нема награди на Фестивалот „Макфест“. Првата вечер на фестивалот е класификациона, со 13 изведувачи, од кои пет, со гласање на жири-комисија и со билетите на публиката, ќе се пласираат во втората вечер. Со тоа на втората вечер ќе има вкуно 18 композиции. 

Ќе биде доделена само награда за најслушан хит меѓу два фестивала. 

Директен пренос од двете фестивалски вечери на „Макфест“ ќе има на  првата програма на МРТ и на првата програма на македонското радио. 

Организаторите на Фестивалот најавија поголема застапеност на „Макфест“ на сите социјални мрежи и стриминг платформи. мд/дма/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан