• вторник, 24 декември 2024

На поранешниот претседател на Хондурас му се суди во Америка под обвинение за трговија со дрога и оружје

На поранешниот претседател на Хондурас му се суди во Америка под обвинение за трговија со дрога и оружје

Њујорк, 20 февруари 2024 (МИА) - На поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, кого САД своевремено го опиша како клучен сојузник во борбата против шверцот на дрога, денеска, две години по неговото апсење и екстрадиција, му започнува судењето во Америка под обвинение за трговија со дрога и оружје.

Американските федерални власти го обвинуваат поранешниот претседател на централноамериканската држава дека ја водел својата земја како „нарко-држава“, проневерувајќи милиони долари од насилните картели за да го финансира неговото доаѓање на власт.

Тој е осомничен дека скоро две децении профитирал од трговија со кокаин во САД, како и дека повремено соработувал со моќниот картел Синалоа од Мексико.

Обвинителството соопшти дека милионите долари од дрога што Хернандез ги присвоил, почнувајќи од 2004 година, му овозможиле да се издигне од конгресмен до претседател на Националниот конгрес, а потоа да добие и два последователни претседателски мандата од 2014 до 2022 година.

Обвинителите тврдат дека Хернандез, за ​​време на неговата кампања за првиот претседателски мандат, побарал 1,6 милиони долари (1,4 милиони евра) од дилери на дрога за да ја финансираат неговата кандидатура, како и изборите на други политичари во неговата конзервативна партија.

Нему му се суди во Америка, а не во неговата земја, поради слабоста на институциите во Хондурас.

Тој беше уапсен во неговиот дом во главниот град на Хондурас во февруари 2022 година, само три месеци откако ја напушти функцијата претседател и веќе беше екстрадиран во САД во април истата година. паг/

Фото: МИА архива



Остани поврзан